Во Босна и Херцеговина е донесена првата правосилна пресуда за дискриминација кон ЛГБТИ лица, а таа се однесува на јавен настап на Самра Ќосовиќ Хајдаревиќ, поранешна пратеничка на Странката на демократска акција во Собранието на Кантонот Сараево, од 2019 година, соопшти денес организацијата Сараевски отворен центар.
Кантоналниот суд во Сараево донесе правосилна пресуда со која е утврдена дискриминација врз основа на сексуална ориентација, родов идентитет и полови карактеристики, а изјавата на Ќосовиќ Хајдаревиќ е означена како говор на омраза, пренесоа сараевските медиуми.
Ќосовиќ Хајдаревиќ, како што се наведува, на социјалната мрежа Фејсбук, по најавата на првата поворка на гордоста во БиХ во 2019 година, објавила статус што, меѓу другото, содржел повици за сегрегација, изолација и дискриминација на ЛГБТИК лицата.
„Секој има право на живот каков што сака, исто така и ние го имаме правото да избираме со кого сакаме да живееме. Сакам ваквите луѓе да се изолираат и да се тргнат што подалеку од нашите деца и од општеството. Нека одат некаде на друго место и нека си направат град, држава, закони и свои права што никој нема да им ги оспорува. Но овде не“, напишала таа тогаш.
Сараевскиот отворен центар, како организација што работи на унапредување на човековите права на ЛГБТИ лица и жените, поднел тужба против Ќосовиќ Хајдаревиќ, нагласувајќи дека со нејзиниот јавен настап ги дискриминирала ЛГБТИ лицата и поттикнувала омраза.
Во овој предмет, во 2022 година во Општинскиот суд во Сараево беше донесена првостепена пресуда, по што тужената го искористила правото на жалба, која била отфрлена како неоснована.
„Оваа пресуда е важен чекор во заштитата на човековите права и силна порака дека говорот на омраза нема да се толерира. Верувам дека ќе ги охрабри и другите здруженија и организации да го користат механизмот на колективни тужби кога е повредено правото на еднакво постапување на поголем број лица, особено припадници на ранливи и малцински групи“, ја пренесоа медиумите изјавата на адвокатката Џенана Хаџиомеровиќ.
За првпат некој суд во БиХ потврди дека сексуалната ориентација, родовиот идентитет и половите карактеристики се реални и применливи основи за заштита од дискриминација.
Законот за забрана на дискриминација е донесен уште во 2009 година, но првата пресуда по оваа основа е донесена дури по 17 години, наведуваат сараевските медиуми.
„Оваа пресуда го потврдува значењето на постоењето на Законот за забрана на дискриминација во БиХ и претставува мал, но важен чекор на долгиот пат кон целосна примена на стандардите што тој закон ги пропишува“, изјави Дарко Пандуревиќ од Сараевскиот отворен центар.






