петок, 13 март 2026

Во американскиот напад на Венецуела уништен престижен истражувачки институт

По масовните воздушни напади кои Соединетите Американски Држави ги извршија во текот на викендот, Венецуела прави преглед на штетата, а целосниот обем на уништувањето допрва почнува да се гледа.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Според венецуелските власти во американските напади, во кои загинаа најмалку 56 војници, се уништени и бројни цивилни цели, вклучувајќи го и престижниот Венецуелски институт за научни истражувања (ИВИЦ).

Министерката за наука и технологија Габриела Хименез вчера објави слики од уништена зграда за која тврди дека била седиштето на одделот за математика на Институтот ИВИЦ. Таа изјави дека се уништени уште четири центри во рамките на институтот – за физика, хемија, екологија и нуклеарни истражувања.

„Две ракети директно ја погодија областа“, напиша Хименез на Телеграм, мислејќи на математичкиот центар. „Нападот беше тотален: овие области содржеа сервери и опрема клучна за нашите компјутерски мрежи, кои беа целосно уништени.“ Министерката ги нарече нападите „невиден чин на империјална агресија“.

Останува нејасно зошто научниот институт бил цел на нападот. ИВИЦ се наоѓа на југозападната периферија на Каракас, на речиси 18 километри од воената база Фуерте Тиуна, од која американските специјални сили ги киднапираа венецуелскиот претседател Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес во саботата.

Покрај научните згради, уништени се и други клучни цивилни објекти. Гувернерот на крајбрежната држава Ла Гваира, Хозе Алехандро Теран, објави дека во нападите е уништен магацин за лекови.

„Тони лекови изгорени до пепел, тони храна“, кажа Теран во видео објавено на социјалните мрежи. „Ова се резултатите од она што го направија бомбите и ракетите на владата на Соединетите Американски Држави… за да ги уништат нашите магацини полни со лекови и храна.“

Иако администрацијата на Трамп го нагласи загинувањето на венецуелските и кубанските војници, голем број цивили, исто така, ги загубија животите во нападите. Меѓу жртвите е и 45-годишната самохрана мајка Јохана Родригез Сиера, која беше убиена од американска ракета, а најмалку една од нејзините ќерки е повредена.

Најмалку 150 американски борбени авиони и беспилотни летала учествувале во уништувањето, во операција беше опишана од американската администрација и медиумите како „прецизна“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ