понеделник, 15 декември 2025

Во албумот на Епстајн има 50 имиња: освен Трамп, тука е и Бил Клинтон

Волстрит џурнал објави дека во роденденскиот албум на осудениот сексуален престапник Џефри Епстајн од 2003 година биле наведени околу 50 имиња, вклучувајќи ги поранешниот американски претседател Бил Клинтон и сегашниот Доналд Трамп.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Најголемото име во роденденскиот албум што во 2003 година за Џефри Епстајн го составила неговата партнерка во тоа време, Гислјен Максвел, не бил некој што допрва ќе стане претседател, туку поранешниот – Бил Клинтон.

Според извори запознаени со проектот, Максвел исклучително инсистирала Клинтон и другите познати личности да пишуваат лични писма и срдечни честитки за раскошниот подарок што се подготвувал за 50-тиот роденден на Епстајн. На крајот, таа успеала во тоа.

Албумот со кожен повез, направен пред првото апсење на Епстајн во 2006 година, содржел рачно напишана белешка од Клинтон: „На некој начин е утешно, зарем не – да се трае толку долго, низ сите години на учење, спознавање, авантури и притоа да се задржи детската љубопитност, желбата да се остави трага и утехата на пријателството.“

Портпаролот на Бил Клинтон одбил да коментира за писмото, но го упатил Волстрит џурнал на една стара изјава од поранешниот претседател, во која тој вели дека ги прекинал сите врски со Епстајн повеќе од една деценија пред неговото апсење во 2019 година и немал никакво знаење за неговите злосторства.

Клинтон бил едно од околу 50-те лица што оставиле пораки во тој роденденски албум, според документите што ги прегледал Волстрит џурнал. Меѓу нив биле Доналд Трамп, инвеститорот Леон Блек, модната дизајнерка Вера Ванг, медиумскиот магнат Морт Цукерман и сопственичката на Викторија сикрет, Лесли Векснер.

Писмата биле поделени во категории – „Пријатели“, „Бизнис“, „Наука“, „Семејство“, „Бруклин“… Клинтон и Трамп биле во групата „Пријатели“, заедно со Блек, Цукерман, адвокатот Алан Дершовиц и Жан-Лук Брунел, агент за модели, кој исто така е обвинет за сексуално искористување малолетнички.

Една од највпечатливите страници наводно била онаа на Трамп, со негов потпис и цртеж на гола жена. Трамп тврди дека писмото е „лажно“ и поднесе тужба за клевета против новинарот и издавачот на Волстрит џурнал.

Некои од писмата биле побизарни и експлицитни. Поранешниот извршен директор на Мајкрософт, Натан Мирволд, испратил слики од Африка на кои имало мајмун што вреска, лавови и зебри како се парат и зебра со видливи гениталии. Неговата портпаролка рече дека Мирволд не се сеќава дека ја испратил пораката, но е познат како фотограф на диви животни.

Леон Блек напишал песна што се римува и алудира на секс и на „Старецот и морето“ од Хемингвеј: „Русокоси, црвенокоси, бринети – географски распоредени / Со оваа мрежа од риби, Џеф сега е ‘Стариот и морето’.“ Тој го потпишал: „Со љубов и бакнежи, Леон“.

Писмото на Векснер содржело цртеж од женски гради. Цукерман на шега тврдел дека Епстајн е роден во Лихтенштајн и дека има сопруга и три деца. Вера Ванг му предложила на Епстајн да се пријави за емисијата „Ерген“ и да оди на шопинг. Ниту еден од нив не сакал да коментира за писмата.

Питер Манделсон, тогашен британски амбасадор во Соединетите Држави и политичар од Лабуристичката партија, го нарекол Епстајн свој „најдобар пријател“ и испратил слики од виски и тропски остров. Портпаролот одбил да коментира.

Џефри Епстајн почина во затворска ќелија во 2019 година додека чекаше судење по обвинение за трговија со малолетници. Гислејн Максвел беше прогласена за виновна за учество во мрежата во 2021 година и осудена на 20 години затвор. Таа моментално се обидува да ја поништи пресудата и бара помош од Доналд Трамп.

Клинтон патувал со Епстајн со четири приватни авиони и барем еднаш престојувал во неговиот дом во Њујорк. Сите, тврди канцеларијата на Клинтон, биле дел од работата на Фондацијата Клинтон, со придружба од Тајната служба.

Трамп излегувал со Епстајн во 1990-тите и почетокот на 2000-тите. Њујорк тајмс откри дека во 1997 година Трамп напишал посвета во книга што му ја подарил на Епстајн: „За Џеф – ти си најголемиот!“ и ја потпишал.

Објавена е и фотографија од Трамп и Епстајн со музичарот Џејмс Браун. Не е познато каде е направена фотографијата, но Браун често настапуваше во Атлантик Сити, каде што Трамп го поседувал казиното Таџ Махал.

Што се случило со албумот?

Роденденскиот албум имал повеќе томови, содржел скенирани писма и слики, а бил создаден од книговезница во Њујорк. Максвел лично ја координирала подготовката и ангажирала асистенти. Некои од нив се сеќаваат дека ги виделе страниците на Клинтон и Трамп додека ги скенирале материјалите.

Бред Едвардс, адвокат што застапува повеќе од 200 жртви на Епстајн, потврди дека неколку од неговите клиенти се сеќаваат на постоењето на албумот. „Постоењето на книгата е факт“, изјави тој во средата за Ем-си-ен-би-си.

Дигиталните копии од албумот беа прегледани и од американските обвинители што со години ги истражуваат Епстајн и Максвел. Книгата сега се наоѓа во оставнината на Епстајн. Не е познато дали албумот ќе биде дел од новата постапка на американската администрација во случајот Епстајн.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ