петок, 30 мај 2025

Владин извор: Моди ѝ даде на индиската војска оперативна слобода да одговори како сака на нападот во Кашмир

Индискиот премиер Нарендра Моди го увери своето раководство дека има „оперативна слобода“ да одговори како што сака на нападот во кој загинаа 26 лица во индиски Кашмир, изјави денес владин извор.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

На состанокот со началниците на генералштабовите, Моди им рече на вооружените сили дека „имаат слобода да одлучуваат за целите, времето и начинот на одговор на Индија на терористичкиот напад што ги таргетираше цивилите во Кашмир“, изјави за Франс прес изворот, кој не сакаше да биде именуван.

Моди „ја потврди националната решеност да му зададе решителен удар на тероризмот и изрази целосна доверба во капацитетот на индиските вооружени сили“ да го сторат тоа, продолжи истиот извор.

На 22 април, повеќе вооружени лица убија 26 лица во туристичкиот град Пахалгам, во делот од Кашмир што е под индиска управа.

Дури и пред некој да ја преземе одговорноста за нападот, Њу Делхи го обвини Исламабад дека е одговорен за него. Тоа е најсмртоносниот напад врз цивили во претежно муслиманската област во повеќе од дваесет години.

Пакистан веднаш негираше каква било вмешаност и повика на „неутрална истрага“.

Двете земји, нуклеарни сили, оттогаш се на раб на војна. Нивните влади воведоа бројни реципрочни дипломатски санкции, а своите граѓани ги повикаа да ја напуштат територијата на соседот најдоцна до денес.

Во текот на изминатите неколку ноќи, индиските и пакистанските војници разменуваа оган од лесно оружје долж таканаречената „контролна линија“, де факто границата што го дели Кашмир меѓу Индија и Пакистан, соопшти индиската војска.

Минатата недела, Моди јавно вети дека ќе ги гони сторителите на нападот и нивните соучесници „до крајот на светот“.

Кашмир е поделен меѓу Индија и Пакистан кога прогласија независност во 1947 година. Но, двата ривали оттогаш продолжуваат да бараат целосен суверенитет над областа. Од 1989 година, во индискиот дел на Кашмир се води сепаратистички бунт, во кој загинаа десетици илјади луѓе.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ