Ваквите мерки беа објавени откако маж од Авганистан беше обвинет за пукање во двајца припадници на американската Националната гарда во Вашингтон. Едниот од нив почина, а другиот беше ранет. Уапсениот Авганистанец, кој емигрирал во Америка по нејзиното повлекување од неговата земја во 2021 година, се изјасни за невин.
Претходно во јуни републиканската администрација на САД им забрани на граѓаните од 12 земји влез во земјата и го ограничи пристапот за граѓаните од уште седум. По нападот врз припадниците на гардата, мерките против тие земји беа заострени, меѓу кои Авганистан, Сомалија, Иран и Хаити.
Оваа недела Ноем објави вклучување на граѓани на повеќе земји преку социјалните мрежи, а утрово, во интервју со водителката на каналот Фокс њуз Лора Инграм додаде дека претседателот Трамп размислува кои земји ќе бидат додадени на листата. Таа не даде нови детали, освен што кажа дека ќе има „повеќе од 30“ такви земји.
Инграм ја праша Ноем дали забраната за патување се проширува на 32 земји и кои земји ќе бидат додадени на сегашните 19.
„Не би можела да бидам попрецизна со бројките, но станува збор за повеќе од 30. И претседателот продолжува со разгледувањето“, кажа Ноем.
Министерството за внатрешна безбедност не одговори на прашањата на новинарите за тоа кога би можела да стапи на сила ажурираната забрана за патување и кои земји би биле вклучени.






