сабота, 31 јануари 2026

Визијата на Руте за НАТО не им се допаѓа на Европејците

Клучната мисија на генералниот секретар на НАТО Марк Руте е да го спречи претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп со своите потези да ја загрози или дури да ја уништи Алијансата, пишува Политико. Меѓутоа, ваквиот пристап на поранешниот холандски премиер сè повеќе го доведува во конфликт со европските престолнини со кои со години соработува, а последиците веќе се чувствуваат во рамките на НАТО – дури и откако Руте успеа да го одврати Трамп од заканата за анексија на Гренланд.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Тензијата, како што наведува бриселскиот портал, беше очигледна минатиот понеделник во Европскиот парламент, каде што Руте отворено ја бранеше доминантната улога на САД во рамките на НАТО. Тој им кажа на пратениците дека е илузија да се верува дека Европската Унија, или Европа како целина, може да се одбрани без американска поддршка.

Европските лидери реагираа брзо и остро. „Не, драг Марк Руте“, возврати францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро на социјалната мрежа Икс. „Европејците можат и мора да ја преземат одговорноста за сопствената безбедност. Тоа е европскиот столб на НАТО“.

„Тоа беше срамен момент“, кажа Натали Лоазо, поранешна француска министерка за Европа, сега членка на Европскиот парламент. „Не ни треба обожавателот на Трамп. НАТО мора повторно да воспостави рамнотежа помеѓу американските и европските напори“.

Шпанецот Начо Санчез Амор беше уште подиректен. „Дали сте вие ​​американски амбасадор во НАТО“, го праша Руте еден социјалистички пратеник за време на жестока дебата, „или генерален секретар кој ја претставува Алијансата и нејзините членки?“

Конфликтот, воедно укажува и на продлабочување на поделбата во рамките на НАТО: Руте е убеден дека единствениот начин Алијансата да преживее е Трамп да остане „на истата страна“, додека во Европа расте стравот дека ваквите тактики всушност го поткопуваат НАТО одвнатре и постепено го лишуваат од вистинска сила и автономија.

Додека генералниот секретар вложува напори да ги држи Американците што е можно поблиску, тие напори отвораат раскол со неговите партнери од ЕУ, кои сè повеќе бараат европски безбедносни структури и континентална армија надвор од НАТО.

Функционери од структурите на НАТО, вклучувајќи дипломати и сегашни и поранешни соработници на Руте, во интервју за Политико, го опишале Руте како лидер вешт во управувањето со кризи, кој неодамна успеа да постигне успех во случајот со Гренланд, но по цена на продлабочување на европската непријатност околу долгорочната иднина на Алијансата.

Оние кои го поддржуваат шефот на Алијансата, меѓутоа, тврдат дека тој ја исполнил најважната работа – го одржал НАТО заедно, и тоа во задача толку сложена што е речиси невозможно да се обезбеди сите 32 членки да се задоволни. Функционерите запознаени со начинот на кој работи додаваат дека тој е многу поотворен во приватните разговори со Доналд Трамп отколку во јавните настапи.

Сепак, спорот околу Гренланд „нанесе многу штета“, кажа еден дипломат од НАТО, кој како и повеќето други сакал да остане анонимен за да може отворено да зборува за темата. Пристапот на Руте е „фластер“ кој ги „отуѓи сојузниците“, додаде тој. „Ние сме здружение од 32 членки, а не клуб САД плус 31“.

Иако Руте инсистира дека ги претставува сите сојузници во НАТО, јасно е дека негов главен приоритет е да спречи САД под водство на Трамп да се оддалечат од Европа. Поради ова, тој е критикуван дека овој фокус сега го засенува остатокот од неговата работа.

Дури и успешниот напор на генералниот секретар да помогне Трамп да се откаже од заканите кон Гренланд, за време на самитот во Давос во Швајцарија, отвора прашања за тоа дали тоа е само привремена пауза и дали САД сè уште би можеле да се обидат да ја преземат контролата врз делови од арктичкиот остров.

„Каков наводен договор постигнавте со претседателот Трамп?“, праша во понеделникот Вили Совндал, член на Зелените во Европскиот парламент и поранешен дански министер за надворешни работи. „Како генерален секретар, дали имавте мандат да преговарате во име на Гренланд и Данска?“

Руте негираше дека ги пречекорил своите овластувања. „Секако, немам мандат да преговарам во име на Данска, па затоа не сум го направил тоа и нема да го направам“, кажа тој во парламентот.

Идеализирањето на Трамп исто така носи ризик да создаде проблем со кредибилитетот на Алијансата.

НАТО е добро познат по својата обврска за колективна одбрана – Членот 5 – но Алијансата е обврзана и со членовите 2 и 3, кои бараат од државите да ја поттикнат економската соработка и заемното јакнење на вооружувањето. Со заканата дека ќе воведе царини за Европа и ќе го преземе Гренланд, Трамп ги прекрши и двата члена, кажа истиот дипломат на НАТО.

Дополнителна непријатност е предизвикана од фактот дека Трамп претходно ја доведе во прашање неговата посветеност на Членот 5, ги омаловажи воените обврски на другите сојузници и минатата недела даде неточно тврдење дека Европејците во војната во Авганистан, која ја предводеа САД, „се држеле малку настрана“ во однос на првите линии на фронтот.

И покрај ова, Руте цврсто се држи до својата стратегија за јавно додворување на Трамп, инсистирајќи дека тој е позитивен фактор за Алијансата.

Минатата година НАТО се согласи драматично да ги зголеми воените трошоци на пет проценти од БДП до 2035 година – резултат што многумина во Алијансата го гледаат како помагање на Европа да застане на свои нозе. Генералниот секретар е во понеделникот кажа „нема шанси“ тоа да се случело без притисокот од американскиот претседател.

Начинот на дејствување на Руте, пишува Политико, е во голема мера резултат на 14 години во кои, како најдолгогодишен премиер во историјата на Холандија, тој водеше често нестабилни и поделени коалициски влади. „Тој е сè освен идеалист“, вели еден од неговите поранешни соработници. „Пред сè, тој е прагматичен“.

Веднаш откако за време на првиот мандат на Трамп во Белата куќа воспостави добри односи со него, Руте сфати дека јавното ласкање е клучот за да го задржи американскиот претседател „на своја страна“.

„Тој може да се направи многу мал и понизен за да ја постигне својата цел“, изјави за Политико Петра де Конинг, која напиша биографија за Руте во 2020 година. Ова често оди во крајности: Холанѓанецот го нарече Трамп „тато“ за време на минатогодишниот самит на НАТО во Хаг и го испофали во пораки кои американскиот претседател подоцна ги објави откако протекоа во јавноста.

Сепак, во приватните разговори, Руте е подиректен кон Трамп, според лице запознаено со неговото размислување. „Односот се заснова на доверба“, рече лицето, но „доколку е притиснат, тој ќе биде отворен и директен“.

Иако договорот со кој Трамп се откажа заканите кон Гренланд можеби остави горчлив вкус во Европа, НАТО не е уништено. „Реалноста е дека Руте испорачува резултати“, кажа еден висок дипломат на НАТО. „За разлика од некои други лидери, тој никогаш не се сомневаше во Алијансата – јас тоа го припишувам на искуството“, додаде друг висок дипломат.

Сепак, напорот да се задоволи Трамп носи ризик од охрабрување на американскиот претседател да биде уште похрабар во иднина. „Политичарите ширум светот ризикуваат ако го игнорираат егото на Трамп“, вели Стивен Фарнсворт, политиколог на Универзитетот Мери Вашингтон во американската држава Вирџинија.

Тоа би можело да создаде проблеми и за Алијансата во иднина. „Поради интересите на Алијансата, тој му се додворува на Трамп“, кажа дипломатот на НАТО. „Но, прашањето е: каде тоа води и каде завршува?“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ