недела, 7 декември 2025

Витлеем повторно блесна пред Нова година и Божиќ: за прв пат од 2022 накитена елката (ФОТО)

Голема божиќна и новогодишна елка украсена со црвени и златни украси е поставена во Витлеем на Западниот Брег за прв пат од почетокот на војната во Газа.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Градот, за кој христијаните веруваат дека е родното место на Исус Христос, не одржуваше јавни божиќни прослави во последните две години за време на војната во Газа.

Сепак, како што објавува Индипендент, со прекинот на огнот кој сега е во вториот месец, на плоштадот Мангер се одржа церемонија за поставување на елката висока 20 метри.

Илјадници Палестинци од целиот Западен Брег и Израел го исполнија плоштадот за да аплаудираат кога синоќа беа вклучени светлата на елката.

„Дојдовме да славиме, да гледаме и да уживаме, бидејќи немавме можност да го направиме тоа во последните неколку години“, кажа Ранда Бсоул, 67-годишна Палестинка од Хаифа.

Иако Газа е оддалечена околу 60 километри од Витлеем, војната, во која се убиени повеќе од 70.000 Палестинци, силно ги погоди Палестинците на окупираниот Западен Брег.

Многу Палестинци имаат семејство и пријатели во Газа, а војната дополнително го намали туризмот, клучен сектор за економијата на Витлеем.

„Последните две години беа како пекол. Се обидуваме да преживееме, но економската ситуација се влошува, а израелските ограничувања за движење на Палестинците стануваат построги“, кажа сопственик на продавница за сувенири во Витлеем, пренесува Индипендент.

Израел постави нови воени контролни пунктови низ Западниот Брег во последните две години, а некои палестински населби се практично затворени со порти и барикади.

Десетици илјади Палестинци, исто така, беа принудени да ги напуштат своите домови во израелските напади врз градовите во северниот дел на Западниот Брег од почетокот на годината.

Палестинците во Витлеем изразија надеж дека Божиќ и Нова Година ќе донесат мир по двете години агонија и болка.

Израел и Хамас постигнаа прекин на огнот во октомври како дел од американскиот план за завршување на војната.

Иако прекинот на огнот е формално на сила, Израел постојано извршува воздушни напади за кои вели дека се за одбрана од напади или уништување на инфраструктурата на милитантите на Хамас.

Хамас и Израел меѓусебно се обвинуваат за кршење на прекинот на огнот откако стапи на сила.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ