среда, 31 декември 2025
Постојаниот претставник на САД при НАТО

Витакер: Американските разузнавачи ќе кажат дали навистина имало напад врз Путиновата резиденција

Американскиот амбасадор при НАТО, Метју Витакер, во вторникот изрази сомнеж во руските обвинувања дека Украина ја нападнала резиденцијата на претседателот Владимир Путин, велејќи дека сака да ги види американските разузнавачки податоци за инцидентот, пренесе Ројтерс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Не е јасно дали тоа навистина се случило“, изјави Витакер во интервју за „Фокс бизнис“, зборувајќи за наводниот инцидент што Украина го негира.

„Ми изгледа малку неделикатно, во момент кога сме толку блиску до мировен договор, кога Украина навистина сака да се постигне мировен договор, да се направи нешто што би се сметало за непромислено или некорисно“, рече тој.

Русија во понеделникот соопшти дека Украина ја нападнала претседателската резиденција во Новгородската област со 91 далекометен јуришен дрон. Москва изјави дека ќе возврати и дека ќе го заостри својот преговарачки став во разговорите.

Украина ги нарече руските обвинувања „лаги“ насочени кон оправдување нови напади врз Украина, а нејзиниот министер за надворешни работи во вторникот изјави дека Русија не дала никакви докази „бидејќи ги нема“.

Американскиот претседател Доналд Трамп во понеделникот изјави дека Путин му рекол во телефонски разговор дека Украина се обидела да ја нападне резиденцијата. Трамп рече дека бил „многу лут“ поради тоа. Запрашан дали постојат докази за таков напад, Трамп одговори: „Ќе дознаеме“.

Белата куќа одби дополнително да го коментира наводниот инцидент, додека претставници на американската разузнавачка заедница молчеа за случајот. ЦИА одби да даде коментар.

„Ќе дојдеме до суштината на разузнавачките податоци. За мене, најважно е што ќе кажат разузнавачките служби на Соединетите Држави и на нашите сојузници за тоа дали овој напад навистина се случил“, рече Витакер.

По средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Флорида во неделата, Трамп изјави дека тој и Зеленски се „можеби многу блиску“ до договор за завршување на војната, иако најспорните територијални прашања сè уште остануваат нерешени.

Зеленски претходно во вторникот изјави: „Оваа наводна приказна за ‘напад врз резиденцијата’ е целосна измислица, наменета да оправда дополнителни напади врз Украина, вклучително и врз Киев, како и сопственото одбивање на Русија да ги преземе неопходните чекори за завршување на војната. Типични руски лаги“.

Русија, која ја нападна Украина во февруари 2022 година, контролира нешто помалку од една петтина од територијата на својот сосед и тврди дека нејзините сили напредуваат, вели Ројтерс.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ