Со пресуда на Вишиот суд во Нови Сад, Акционерското друштво за управување со јавната железничка инфраструктура „Инфраструктура на железницата на Србија“ и Република Србија се обврзани на членовите на семејствата на загинатите при падот на натстрешницата на Железничката станица да им исплатат отштета во вкупен износ од 44 милиони динари (нешто повеќе од 374 илјади евра).
Станува збор за надомест на нематеријална штета поради претрпена душевна болка како последица од смрт на блиско лице, и тоа: на тужителите К.М. и К.В. по 12 милиони динари, а на тужителите К.М. и К.Т. по 10 милиони динари, сè со законска затезна камата почнувајќи од 12 декември 2025 година, кога е донесена пресудата.
Рокот за исплата е 15 дена од денот на правосилноста на пресудата.
„Со истата пресуда, тужените се обврзани солидарно на тужителите да им ги надоместат трошоците на парничната постапка со законска затезна камата, почнувајќи од денот на извршноста па сè до исплатата, во рок од 15 дена од денот на правосилноста на пресудата, под закана од извршување“, наведува Вишиот суд.
Се додава дека против пресудата е дозволена жалба до Апелациониот суд во Нови Сад.
Со пресуда од ноември минатата година, „Инфраструктура на железницата на Србија“ и Република Србија беа обврзани на име надомест на нематеријална штета да му исплатат на тужителот Ш.Р. пет милиони динари, а на тужителката Ш.Л. 4,5 милиони динари.
Исто така, со пресуда од октомври 2024 година, истите тужени беа осудени на тужителите Р.З. и Р.З. да им исплатат надомест во износ од 28 милиони динари.
При падот на натстрешницата пред Железничката станица во Нови Сад, на 1 ноември 2024 година, загинаа 16 лица, а едно лице беше тешко повредено.
Во тек се уште три парнични постапки поврзани со оваа трагедија.






