недела, 7 декември 2025

Вие сте вештерка, сакате да нè проколнете, ѝ рече израелскиот амбасадор на известувачката на ОН

Состанокот на комисијата на Обединетите нации (ОН) во вторникот се вжештила откако израелскиот амбасадор во ОН, Дени Данон, остро ја нападна специјалната известувачка на ОН, Франческа Албанезе, поради нејзиниот извештај во кој го обвинува Израел за кршење на човековите права и ја критикува меѓународната поддршка што ја добива.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Обраќајќи се пред Третиот комитет на Генералното собрание на ОН, Данон ја прозва Албанезе, која се обрати преку видеоврска.

„Госпоѓо Албанезе, секој пат кога се обидувате да го проколнете Израел со лаги и клевети, вашите клетви не успеваат. Госпоѓо Албанезе, вие сте вештерка, а овој извештај е уште една страница во вашата книга на вештерство. Се обидовте да го проколнете Израел со лаги и омраза, но вашиот отров не успеа“, рече Данон.

Албанезе не можеше лично да присуствува бидејќи САД воведоа санкции врз неа во јули и ѝ ја одзедоа визата. Државниот секретар Марко Рубио го објави потегот, наведувајќи ги нејзините „нелегитимни и срамни обиди да изврши притисок врз Меѓународниот кривичен суд да преземе мерки против американските и израелските функционери“.

Последниот извештај на Албанезе остро го критикува Израел, но исто така обвинува десетици земји дека се соучесници во постапките на Израел. САД, Велика Британија, Германија, Унгарија и други земји беа обвинети за дипломатска или воена поддршка за Израел.

Канада, Австралија и Нов Зеланд се издвоени поради обидот да ги „разводнат“ резолуциите на ОН што го критикуваат Израел, додека Франција, Италија, Хрватска и Грција се критикувани затоа што му дозволиле на премиерот Бенјамин Нетанјаху да лета низ нивниот воздушен простор и покрај потерницата од Меѓународниот кривичен суд.

Извештајот, исто така, критикува неколку арапски и муслимански земји, вклучувајќи ги Египет, Јордан, Катар, Саудиска Арабија, Турција, Индонезија, Пакистан и ОАЕ, за поддршка на мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп.

Албанезе тврди дека планот на Трамп овозможува „воена демобилизација и странска власт без да обезбеди правда или самоопределување на Палестинците“, потенцијално отворајќи го патот за „нова форма на окупација“. Таа ги критикуваше земјите како Кина, Индија, Тајван, Австрија, Шпанија и Франција за испраќање оружје до Израел за време на она што таа го нарече „континуиран геноцид“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ