петок, 19 декември 2025

Зеленски вели дека е подготвен да се повлече од функцијата по војната

Украинскиот претседател Володимир Зеленски за веб-страницата Аксиос изјави дека ќе биде подготвен да се повлече по завршувањето на војната со Русија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Моја цел е да ја завршам војната, а не да продолжам да се кандидирам за функција“, рече тој, според медиумот.

Зеленски исто така вети дека ќе побара од украинскиот парламент да одржи избори доколку се постигне прекин на огнот.

Изборите се одложени на неодредено време поради војната – на што укажуваа критичарите, вклучително и американскиот претседател Доналд Трамп. Зеленски рече дека и безбедносната ситуација и уставот на Украина претставуваат предизвици. Но, тој верува дека сепак избори се можни.

Зеленски даде интервју во Њујорк кратко пред замине од Генералното собрание на Обединетите нации назад во Киев. На прашањето дали би се обврзал да одржи избори доколку се постигне повеќемесечно примирје, тој рече: „Да“.

Тој рече дека на состанокот со Трамп во вторник рекол дека доколку дојде до прекин на огнот, „можеме да го искористиме тој период и можам да испратам сигнал до парламентот“. Зеленски рече дека разбира дека луѓето можеби сакаат „лидер со… нов мандат“ кој би можел да донесува клучни одлуки потребни за долгорочен мир. Тој нагласи дека безбедносните предизвици ќе го отежнат одржувањето избори, но верува дека тоа е изводливо, објави Аксиос.

Зеленски беше избран со убедлива разлика во 2019 година. Да не беше војната, неговиот петгодишен мандат ќе завршеше во мај 2024 година.

Неговата популарност се искачи на околу 90 проценти во првите месеци од војната. Трамп погрешно тврдеше во февруари дека паднала на 4 проценти, но неодамнешните анкети ја ставаат над 60 проценти. Во јули, Зеленски се соочи со своите први големи домашни протести од војната откако неговите сојузници во парламентот се обидоа да ги ослабат независните агенции за борба против корупцијата. Иако потегот брзо беше повлечен, тој предизвика загриженост за демократскиот правец на Украина под Зеленски.

Доколку Зеленски го поддржеше законот за организирање на изборите, тој веројатно лесно ќе поминеше со оглед на големото мнозинство на неговата партија во парламентот.

Избори се експлицитно забранети со украинскиот устав за време на вонредна состојба. И дури и ако тоа се надмине, безбедносната ситуација би ја направила логистиката исклучително тешка.

Околу 20 проценти од територијата на Украина е окупирана од Русија, а милиони Украинци се раселени. Целата земја е во домет на руски напади, доколку Москва се обиде да го наруши процесот.

„За време на прекинот на огнот, мислам дека безбедносната ситуација би можела да овозможи одржување избори. Така може да биде“, рече Зеленски, според Аксиос.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ