вторник, 16 декември 2025

Зеленски упати барање до Трамп и предупредување до НАТО

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го повика Доналд Трамп да заземе „јасен став“ за да го запре Владимир Путин и да ја заврши војната во Украина.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во ексклузивно интервју за Скај њуз од Претседателската палата во Киев, Зеленски рече дека единствениот начин да се стави крај на конфликтот лежи во дефинирани безбедносни гаранции, за кои, вели тој, потребна e храброста на Трамп, објави Скај њуз.

Зеленски изрази надеж дека британскиот премиер Кир Стармер подетално ќе ја разработи иднината на Украина за време на државната посета на американскиот претседател на Велика Британија оваа недела. „Навистина се надевам дека тој (Стармер) ќе може да има многу специфична дискусија за безбедносните гаранции на САД за Украина“, рече тој.

„Пред да ја завршиме војната, навистина сакам сите договори да бидат во сила. Сакам… да имаме документ поддржан од САД и сите европски партнери. Тоа е многу важно“, нагласи украинскиот лидер, додавајќи: „За да се случи ова, ни треба јасен став од претседателот Трамп“.

Украинскиот претседател исто така го повика американскиот лидер да преземе „силни лични чекори“ за да го „запре Путин“. Неговиот апел доаѓа откако Трамп ги повика сојузниците во НАТО да престанат да купуваат руска нафта и да воведат царини врз Кина за да извршат притисок врз Москва.

„Верувам дека САД се доволно силни за да донесуваат свои одлуки“, рече Зеленски. „Верувам дека Доналд Трамп може да ни даде системи за воздушна одбрана во доволни количини, а САД имаат доволно од нив“.

Тој додаде дека е уверен дека Вашингтон може да воведе санкции што ќе ѝ наштетат на руската економија. „Сигурен сум дека САД можат да применат доволно санкции за да ѝ наштетат на руската економија, плус Доналд Трамп има доволно сила да го натера Путин да се плаши од него“, рече тој, потсетувајќи дека Европа веќе вовела 18 пакети санкции. „Се што недостасува сега е силен пакет санкции од САД“.

Зеленски ги даде своите коментари во контекст на неодамнешниот самит меѓу Трамп и Путин во Алјаска, кој остро го критикуваше. Тој рече дека Трамп „му дал многу на Путин“ и дека „требало да плати повеќе“ за таа средба.

„Верувам дека ако беше трилатерален состанок [со вклучена Украина], ќе имавме некои резултати“, додаде тој.

По веста дека британски борбени авиони пресретнале руски дрон над Полска, Зеленски предупреди дека Путин ја тестира силата на Северноатлантскиот сојуз. „Тој го тестира НАТО“, рече тој. „Тој сака да види за што е подготвен НАТО, за што се способни, дипломатски и политички, и како локалното население ќе реагира на тоа“.

Според него, Москва така испраќа уште една порака: „Не се осмелувајте да ѝ дадете на Украина дополнителни системи за воздушна одбрана, бидејќи можеби ќе ви бидат потребни и вам“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ