Неговата објава дојде кратко откако американскиот претседател Доналд Трамп побара од Украина да се согласи со понудата на Путин за директни разговори меѓу двете земји во Турција.
„Чекаме целосен и траен прекин на огнот, почнувајќи од утре, како неопходна основа за дипломатија. Нема смисла убиствата да продолжат. И ќе го чекам Путин во Турција во четврток. Лично. Се надевам дека овој пат Русите нема да бараат изговори“, напиша Зеленски.
Тој претходно изјави дека Украина е отворена за преговори со Русија, но само откако ќе стапи на сила прекинот на огнот.
Западните сили повикаа на 30-дневен прекин на огнот, кој би започнал во понеделник, по состанокот на европските лидери во Киев кои ја предводат т.н. „коалиција на спремните“. Понудата на Путин за директни преговори дојде по таа средба.
Трамп попладнево на социјалните мрежи објави дека Украина треба „веднаш да се согласи“ на овие преговори бидејќи така би се видело дали воопшто постои начин да се стави крај на војната.
„Барем ќе можат да утврдат дали е можен договор. А ако не е, европските лидери и САД ќе знаат на што се и ќе можат понатаму да постапуваат во согласност со тоа“, рече Трамп.
Тој напиша дека се сомнева дали е воопшто можен договор со Путин, но во исто време порача: „ОДРЖЕТЕ ГО ТОЈ СОСТАНОК, ВЕДНАШ!!!“