вторник, 24 февруари 2026
Четврта годишнина од војната

Зеленски: Путин не ги постигна своите цели, не го скрши украинскиот народ, не ја доби војната

Украина ја бранеше својата независност и не постои само на картата, изјави претседателот Володимир Зеленски на четвртата годишнина од почетокот на војната со Русија, пренесе денес Ројтерс.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

„Путин не ги постигна своите цели. Не го скрши украинскиот народ. Тој не ја доби оваа војна. Ние ја спасивме Украина и ќе направиме сè за да постигнеме мир. И да обезбедиме правда“, изјави Зеленски во телевизиско обраќање.

„Денес се навршуваат точно четири години откако Путин требаше да го освои Киев за три дена. А тоа многу кажува за нашиот отпор, за тоа како Украина се бореше цело ова време. Зад овие зборови стојат милиони наши сограѓани, голема храброст, напорна работа, издржливост и долгиот пат што Украина го помина од 24 февруари“, рече Зеленски во видео порака, пренесува агенцијата Бета.

Сеќавајќи се на почетокот на инвазијата и гледајќи ја ситуацијата сега, Зеленски рече дека Украинците имаат целосно право да кажат дека ја бранеле својата независност, не ја изгубиле својата држава, додека Путин не ги постигнал своите цели.

Зеленски треба да ги пречека претставниците на европските сојузници, вклучувајќи ја и претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лаен, во Киев подоцна во текот на денот за церемонии по повод четиригодишнината од почетокот на целосната руска инвазија на 24 февруари 2022 година.

Стотици илјади војници од двете страни се убиени или ранети во најсмртоносниот конфликт во Европа по Втората светска војна. Руските сили со години убиваат десетици илјади украински цивили и ги уништуваат украинските градови со ракетни и беспилотни летала.

Тековните мировни преговори со Русија, со посредство на Соединетите Американски Држави (САД), се чини дека се заглавени поради прашањето за територијата.

Москва, која бавно напредува на бојното поле, одбива да се откаже од инсистирањето Украина да ги отстапи преостанатите 20 проценти од источниот регион Доњецк – додека Киев цврсто испраќа порака дека нема да ја отстапи земјата за која илјадници луѓе загинаа бранејќи ја.

„Сакаме мир. Силен, достоинствен, траен мир“, рече Зеленски во своето обраќање.

Тој додаде дека им порачал на украинските преговарачи: „Не ги поништувајте сите овие години, не ја обезвреднувајте целата оваа борба, храброст, достоинство, сè низ што помина Украина. Не можеме, не смееме, тоа да го дадеме, да го заборавиме, да го предадеме“.

Во пресрет на годишнината од почетокот на руската инвазија, претседателот на Украина во интервју за британскиот весник Фајненшл тајмс изјави дека „Русите си играат со американскиот претседател Доналд Трамп и со целиот свет“.

И покрај интензитетот на борбите и тековните дипломатски разговори, Зеленски потврди дека целта останува траен крај на конфликтот, а не само прекин на непријателствата.

Украинскиот претседател верува дека притисокот што Вашингтон го врши врз Киев за да добие отстапки за мировен договор е посилен од оној што се врши врз Москва.

Зеленски ги повика Соединетите Американски Држави (САД) и нивните сојузници да го зголемат притисокот врз Москва, а Европската Унија (ЕУ) да одреди датум за пристапување на Украина во ЕУ, надевајќи се дека тоа ќе се случи што е можно поскоро, идеално до 2027 година.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, се очекува денес во Киев за да ја одбележат четвртата годишнина од почетокот на руската инвазија на Украина, објави новинската агенција Бета.

Европскиот совет објави дека фон дер Лаен и Кошта ќе присуствуваат на комеморацијата и ќе го посетат местото на украинскиот енергетски објект оштетен во руските воздушни напади.

Двајцата европски лидери треба да учествуваат на трилатерален состанок со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Тие, исто така, планираат да учествуваат на онлајн состанок на Коалицијата на спремните, која ги собира сојузниците на Киев.

Елисејската палата соопшти дека со онлајн состанокот ќе претседаваат францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ