Зеленски одговараше на прашање на Би-би-си за изјавата на Доналд Трамп во интервју за Политико, во кое Трамп изјави дека „Зеленски во 2019 година побара од рускиот претседател Владимир Путин враќање на Крим и членство на Украина во НАТО“.
Украинскиот претседател рече дека не ја исклучува можноста дека се водени разговори во таа насока со партнерите, но не потврди конкретни наводи.
„Ние сме реалисти; навистина сакаме да бидеме во НАТО. Според мене, тоа е фер. Но, знаеме со сигурност дека Соединетите Американски Држави, како и некои други земји, искрено кажано, во моментов не ја гледаат Украина во НАТО. А Русија, без сомнение, никогаш не сака да нè види таму“, рече Володимир Зеленски.
Зборувајќи за Крим, Зеленски призна дека Украина во моментов нема воен или политички капацитет да го врати полуостровот под своја контрола.
„Дури и денес, кога станува збор за Крим, немаме сила целосно да го вратиме нашиот украински полуостров, Крим. Можеби го кажав ова и на првата средба и верувам дека бев во право“, рече Зеленски.
Тој нагласи дека недостатокот на загарантирана поддршка не значи промена на основните принципи на Украина, вклучително и ставот за територијалниот интегритет на земјата. Според него, прашањето за Крим и нивото на консензус во рамките на меѓународната дипломатија за неговиот статус остануваат сложени.
„И искрено, да, денес немаме сила за сето тоа. Немаме доволно поддршка за сето тоа. Но, тоа веќе го кажав на првата средба. Мислам дека можев да го потврдам тоа и на последната средба со Путин“, рече Володимир Зеленски.
Украинскиот претседател исто така рече дека е подготвен да одржи избори, но нагласи дека нивната легитимност и спроведување зависат од безбедносните услови и промените во законот. Тој додаде дека поддршката од Соединетите Американски Држави, Европската Унија и украинскиот парламент е неопходна за организирање избори во воени околности.






