„Во петок и сабота, нашиот тим ќе биде во САД, веќе е на пат кон САД, а Американците ги чекаат таму. Не знам кој друг би можел да биде присутен, можеби таму ќе бидат и Европејци“, изјави тој за новинарите. Тој не појасни каков би бил составот на украинската делегација.
Овие нови американско-украински преговори ќе се одржат пред најавената средба на руските и американските претставници, која, според функционер на Белата куќа, е закажана за викендот во Флорида. Белата куќа не објави никакви детали за составот на руската и американската делегација.
Според порталот Политико, САД ќе бидат претставени од претставникот за Украина, Стив Виткоф, и зетот на претседателот Трамп, Џаред Кушнер, додека Москва ќе го испрати претставникот на Кремљ за економски прашања, Кирил Дмитриев.
„Сите ја знаеме позицијата на Русија. Сака да го окупира целиот Донбас. Сега сака ние да го напуштиме Донбас – тоа е нејзината позиција“, рече денес Зеленски.
Украинскиот индустриски центар Донбас го вклучува регионот Луганск, речиси целосно под контрола на Москва, и регионот Донецк, од кој речиси 20 проценти е контролиран од украинската војска.
„Нашиот став е исто така јасен: не сме подготвени за такви чекори. Соединетите Американски Држави бараат компромис“, додаде украинскиот лидер. Рускиот претседател Владимир Путин вчера изјави дека целите на офанзивата во Украина „ќе бидат постигнати без сомнение“.
Деталите за планот на САД, по неговото разгледување во Берлин со Украинците, не се познати, но Киев посочи дека вклучува територијални отстапки.
Киев и Европејците го перцепираа оригиналниот американски документ како претежно поволен за Кремљ.






