Зеленски во британскиот политички поткаст „Останато е политика“ со Алистер Камбел, советник на поранешниот британски премиер Тони Блер, изјави дека руските воени сателити фотографирале критични објекти на енергетската инфраструктура во земјите од Заливот и во Израел, како и локациите на американските воени бази низ регионот, и дека Кремљ му доставил детали и слики на иранскиот режим за да ги олесни неговите напади, пренесува Гардијан.
„Јавно го кажав тоа. Дали слушнавме реакција на САД кон Русија, дека мора да запрат со тоа? Проблемот е што тие му веруваат на Путин. И тоа е штета“, рече Зеленски.
Тој додаде дека тимот на американскиот претседател Доналд Трамп не успеал „навистина да ги разбере деталите за тоа што сака Русија“ затоа што двајцата преговарачи на Трамп, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, „поминале премногу време“ со Путин и неговите високи функционери.
Зеленски рече дека ја разбира психологијата на рускиот лидер и реалните воени цели подобро од Белата куќа и дека Путин нема да запре ако го освои Донбас, потоа ќе се обиде да ги освои регионалните престолнини Дњепар и Харков.
„Мора да признаеме дека Американците делумно сметаат дека (Донбас) не е ништо за нас. Тие не сакаат да признаат дека Путин може да ги лаже и дека може да ја продолжи окупацијата дури и по ваквите чекори. Американците се сигурни дека можат да му веруваат на Путин“, рече Зеленски.
Зеленски за патувањето на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс во Будимпешта во вторник и среда, каде што водеше кампања за унгарскиот претседател Виктор Орбан, рече дека е „бескорисно“ и додаде дека нема намера да се меша во изборите што ќе се одржат во недела, на 12 април, наведувајќи дека на унгарскиот народ е да одлучи која партија ќе ја поддржи.
Тој посочи дека Европа треба да ја зголеми својата моќ во време кога САД се закануваат со повлекување од НАТО, а ЕУ треба да ги здружи силите со Украина, Велика Британија, Турција и Норвешка, за да создаде воен блок доволно голем за да ја одврати Русија.
„Без Украина и Турција, Европа нема да има слична армија како онаа на Русија. Со Украина, Турција, Норвешка и Велика Британија, ќе ја контролирате безбедноста на морињата, а не на едно море“, заклучи Зеленски.
Тој рече дека е сигурен дека Киев еден ден ќе се приклучи на Европската Унија.






