„Во рускиот напад на Билохоривка во областа Луганск загинаа околу 60 луѓе, цивили што во училиштето се криеле од гранати“, рече Зеленски во своето ноќно обраќање.
Гувернерот на Луганската област претходно објави дека во тоа училиште се засолниле 90 луѓе.
Украинската армија денеска, непосредно пред почетокот на парадата за Денот на победата на Русија во Москва, предупреди дека постои „голема веројатност за ракетни напади“ и дека руските војници во областите на Запорожје под контрола на Москва почнале да ги конфискуваат локалните документи без да наведат причина за тоа.
Украина соопшти дека руските војници запленуваат документи со цел да го принудат локалното население да учествува на церемонијата на прославата на Денот на победата.
Во соопштението се наведува и дека Русија распоредила околу 19 тактички групи во руската област Белгород, веднаш до границата.
Тие најверојатно се состојат од околу 15.200 војници со тенкови, ракетни батерии и друго оружје, се вели во соопштението.
Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш рече дека е „згрозен“ од бомбардирањето на училиштето и побара цивилите да бидат поштедени, изјави неговиот портпарол.
„Генералниот секретар е ужаснат од нападот на 7 мај на училиште во Билогоривка, Украина, каде што многу луѓе се чини дека побарале засолниште од тековните борби“, рече портпаролот на генералниот секретар Стефан Дижарик во изјавата.
Гутереш повтори дека цивилите и цивилната инфраструктура секогаш треба да бидат поштедени за време на војна, додавајќи дека нападот потсетил дека во „оваа војна, како и во многу други конфликти, цивилите ја плаќаат највисоката цена“.






