„Преговорите завршија нешто пред 17 часот“, потврди прес-секретарот на мисијата Џозеф Кружиќ за РИА Новости.
Руската агенција пишува дека состанокот траел околу седум и пол часа и дека бил одржан зад затворени врати, а направена е кратка пауза за ручек.
Се наведува, според снимката објавена пред почетокот на состанокот, дека претставниците на Москва и Вашингтон влегле во салата и седеле едно наспроти други.
Светските агенции претходно јавија дека руската делегација ја предводеле заменик министерот за надворешни работи Сергеј Рјабков и заменик министерот за одбрана Александар Фомин, а американската првиот заменик на државниот секретар Венди Шерман.
Синоќа беа одржани прелиминарни разговори во форма на работна вечера.
Една од главните теми бил нацрт-договорот кој Русија им го достави на САД и нивните сојузници кон средината на декември, а кој вклучува неширење на НАТО понатаму на исток.
Разговорите за безбедносните гаранции ќе се одвиваат во три фази – два дена по состанокот во Женева, на 12 јануари во Брисел ќе се одржи состанок на советот Русија-НАТО, а на 13 јануари консултации на виенската платформа Организација за европска безбедност и соработка (ОБСЕ).






