недела, 15 март 2026

Западот вели дека Русија бара изговор за војна: „Експлозијата во Доњецк е наместена“

Објавено на

часот

Сподели

Сепаратистичките лидери во источна Украина денеска најавија масовна „евакуација“ на цивили во Русија, непосредно пред експлозијата на автомобил-бомба – што ги зголеми стравувањата дека е достигнат критичен момент во руските „операции под лажно знаме“, кои може да се искористат за оправдување на евентуална воена акција.

Автобусите во самопрогласената народна република Доњецк (ДПР) беа преполни со цивили додека се ечеа предупредувачките сирени.

Руските медиуми тврдат дека експлозијата се случила пред административна зграда во Доњецк. Лидерот на проруските сепаратисти, Денис Пушилин, претходно изјави дека локалното население е однесено на безбедно во Русија поради гранатирањето од страна на украинските сили.

Владимир Путин ја обвини Украина за „систематско“ прекршување на човековите права и инсистираше дека големите воени вежби со белоруските сили блиску до украинската граница се „чисто одбранбени“.

Во меѓувреме, Борис Џонсон и другите западни лидери пристигнуваат во Минхен за да разговараат за кризата на годишната безбедносна конференција.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, на денешниот самит изјави дека заканата за глобалната безбедност сега е „посложена и веројатно поголема“ отколку за време на Студената војна.

Руските медиуми јавија дека експлозијата во Доњецк била предизвикана од експлозивна направа во автомобилот на началникот на полицијата на сепаратистичката република. Таа не предизвикало жртви.

Москва во четвртокот ја обвини Украина дека долго време го „истребува цивилното население на народните републики Доњецк и Луганск“, а зголемувањето на цивилните жртви е „геноцид врз населението во Донбас што зборува руски“.

Носејќи воени алишта наместо вообичаениот син цивилен костум, Пушилин тврдеше дека украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе нареди офанзива во Донбас во многу блиска иднина.

Пушилин тврди дека украинските сили веќе се поставени за да ја спроведат операцијата и дека има движења на оклопни возила и артилерија. Неговата администрација организираше „масовно, централизирано заминување“ на населението во Руската Федерација, додавајќи дека „најпрво се евакуираат жените, децата и постарите лица“. Ростов, рече тој, ќе биде почетната дестинација.

Овие тврдења беа веднаш отфрлени од западните и украинските официјални лица, кои рекоа дека тоа е дел од руското смислување изговори за да се оправда воената акција. Претходно овој месец, сепаратистите тврдеа дека во Донбас се откриени британски специјалци и полски платеници што подготвувале саботажа. Во четвртокот, серијата ракетни и артилериски напади на границата Западот ги опиша како руски „операции под лажно знаме“, односно операции обликувани така што да се мисли дека ги спровел некој друг.

[video:https://www.youtube.com/watch?v=AyWxA70cNT8 autoplay:0]

Киев негираше дека е планирана каква било воена акција за Донбас или дека планирал да нападне хемиски капацитет во областа.

Министерот за надворешни работи Дмитро Кулеба рече: „Категорично ги побиваме руските дезинформации за наводните офанзивни операции на Украина или акти на саботажа во постројки за производство на хемикалии. Украина не спроведува ниту планира такви акции во Донбас. Ние сме целосно посветени само на дипломатско решавање на конфликтот“.

Висок западен безбедносен функционер рече: „Ова можеби е дел од интензивирањето на сликата за случувањата што Русија би можела да се обиде да го искористи како изговор за воена акција. Го очекувавме ова и рековме дека сега сме во најопасната фаза“.

Сепаратистичките лидери тврдат дека евакуацијата од Доњецк била договорена со руските власти. Но портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече: „Не знам што се случува таму, немам такви информации“.

Набљудувачите на ОБСЕ (Организација за безбедност и соработка во Европа) не пријавија никакво зголемување на силите. Но тие забележаа 35 прекршувања на примирјето во последните 24 часа.

Локалните жители што живеат во областа што се граничи со Доњецк и втората бунтовничка област, Луганск, изјавиле за британски Индипендент дека не забележале доаѓање на нови украински војници

или опрема. Сепак, жителите во голем број области рекоа дека дефинитивно се зачестени артилериските истрели.

Елена Бабенко, наставничка во областа Лунаск, рече: „Сега слушаме посилни пукања отколку порано – ова е нешто ново, ова е нешто што не сме го слушнале многу месеци. Исто така, сигналот на (мобилниот) телефон го снема на подолго време. Поради сето тоа што се случува, луѓето се многу загрижени“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ