ЕУ, Франција, Германија, Италија, Велика Британија, Канада и Соединетите Држави штотуку објавија координирана изјава во која ја осудуваат руската инвазија и соопштуваат дека договориле нови санкции.
Првиот потег е да исклучат одредени руски банки од мрежата СВИФТ, со што практично ќе се оневозможат извозот и увозот во Русија. Москва зависи од системот СВИФТ за својот извоз на нафта и гас.
Вториот потег е да се замрзне имотот на Руската централна банка, а со тоа и сите нејзини трансакции.
Како трет потег, ЕУ ќе им забрани на руските олигарси да ги користат своите финансии на европските пазари.
„Ние сме посветени на преземање чекори за ограничување на продажбата на државјанства – таканаречените златни пасоши – кои им овозможуваат на богатите Руси поврзани со руската влада да станат државјани на нашите земји и да добијат пристап до нашите финансиски системи“, се вели во соопштението објавено на сајтот на Европската комисија.
Претседателката на ЕК Урсула фон дер Лаен рече дека овие три чекори ќе ја попречат способноста на Путин да ја финансира својата воена машина.
„Додека руските сили го водат својот напад врз Киев и другите украински градови, ние сме решени да продолжиме на Русија да ѝ наметнуваме цена што дополнително ќе ја изолира од меѓународниот финансиски систем и нашите економии“, се вели во изјавата.
Мерките што треба да се спроведат во наредните денови вклучуваат и отстранување на „одбрани руски банки од системот за пораки СВИФТ“, што „ќе осигури дека овие банки се исклучени од меѓународниот финансиски систем и ќе ја осакати нивната можност да работат на глобално ниво.“
СВИФТ е глобалната финансиска артерија што овозможува непречен и брз трансфер на пари преку границите.






