Калибаф во говорот пред парламентот рече дека Иран го предупредува американскиот претседател Доналд Трамп дека секој напад на САД би довел до тоа Техеран да возврати со напад врз Израел и регионалните американски воени бази како „легитимни цели“, пренесува Ројтерс.
Извори соопштија дека Израел е во состојба на голема готовност поради можноста од интервенција на САД со цел да се поддржат протестите што се одржуваат низ Иран, кои започнаа на 28 декември минатата година, поради слабеењето на иранската валута и тешката економска состојба.
Протестите продолжија на улиците на градовите во Иран, при што илјадници луѓе протестираа во Техеран во текот на ноќта и утрово, пркосејќи на ескалацијата на владините мерки против растечкото протестно движење, за што сведочат видеата што се појавија и покрај тоа што интернетот и мобилните телефонски мрежи беа во прекин, објави Гардијан.
Новинската агенција „Активисти за човекови права“ со седиште во САД утрово објави дека се одржале повеќе од 570 протести во 31 иранска провинција.
Здравствените работници во три болници во Иран денес изјавија дека нивните установи се преполни со мртви или повредени пациенти од масовните антивладини протести во земјата, додека организација за човекови права проценува дека најмалку 116 лица се убиени во Иран во последните две недели.
САД во петокот повторија дека убивањето на демонстранти во Иран би можело да предизвика воена интервенција, додека Иран ги обвини САД дека ги претвораат мирните протести во „насилни субверзивни акти и широко распространет вандализам“.






