На прашањето каква е моменталната ситуација околу воената операција на Русија во Украина, Захарова кажа дека информации од теренот има секој ден и дека брифинзи на таа тема се одржуваат неколку пати на ден. Додаде и дека Украина молела за преговори, а потоа почнала чудно да се однесува.
„Киев на сите начини ги кочи, измислува изговори преговорите да не се одржат, да не се одвиваат по замислениот план, исто онака како што правеше сите овие години со Минските договори, поставувајќи свои услови, а всушност сè е јасно. Затоа ние одговоривме на повикот на киевскиот режим кој всушност беше формулиран како молба, формирана беше и преговарачка делегација, беше испратена, но имајќи предвид дека тие на сите начини ги блокираат тие преговори, во реалноста го имаме тоа што го имаме“, истакна Захарова.
„Проблемот е во тоа што украинската страна сето ова време измислува некакви предлози, за да ги прекинат преговорите. На пример, испраќајќи ја преговарачката делегација на договореното место, иако им беше блиску, и сè беше одблокирано за делегацијата да помине непречено, со денови ги менуваа маршрутите, бараа да се смени местото на одржување на преговорите. Инсистираа да се преговара де во оваа, де во онаа земја и така натаму. На сите начини кочеа. Тоа е изненадување и може да биде изненадување само за оние кои не ја следеа ситуацијата во првите осум години. Осум години живееме со таков режим“, додаде портпаролката на руската дипломатија.
Според неа, Русија правела сè што е можно во последните осум години за страните да почнат да се приближуваат една кон друга. „Колку години го кажувавме зборот реинтеграција. Никогаш не зборувавме дека Доњецк и Луганск треба да се отцепат, дека не ги гледаме во составот на Украина. Напротив, секогаш истакнувавме дека тие се дел од Украина, дека се наоѓаат во составот не единствената држава, дека сите треба да ги здружат силите, дека тоа е рускиот став – синергија, обединување на напорите да се приближат ставовите на страните и да се овозможи животен процес на одредена правна основа“, додаде.
Истакна дека сè било предвидено со Минските договори, и дека ставот на Москва во последните осум години бил поттикнување на директен дијалог.
„Бо гледате како интересно излезе. Интересно во наводници. Не е интересно туку е трагично. Осум години западното општество во пошироката смисла на тој збор не сакаше да види што таму се случува. Не се вдлабочуваше во ситуацијата, не го забележуваа бројот на жртви меѓу цивилите, граѓаните, децата, жените, старците. Искрено, не знам зошто светот г дели и става различна цена на животот на мажите, жените и така натаму. Цивили не смеат да умираат во мир. А умираа“, објасни Захарова.
Според неа, во текот на тие осум години загинале околу 13.000 луѓе, од двете страни. „Ние не ја броиме само страната на Доњецк и Луганск, туку и страната под контрола на киевскиот режим. Замислете, 13.000 луѓе! Кога ја опишувам таа ситуација, го користам изразот „срамот на Европа“. Тоа е срам на Европа. Европа мина низ трагедијата на Балкан. Европа беше во центарот на случувањата во деведесеттите години. Тоа беше во центарот на случувањата, од аспект дека се распадна огромна држава, Советскиот Сојуз, се распадна Варшавскиот пакт, имаше промена на внатрешната политика во голем број држави и тоа, меѓу другото, доведе до трагични настани. Излегува дека од тие трагични настани во деведесеттите на Балканот Европа не извлекла никакви лекции“, кажа Захарова.
На прашањето каква е улогата на Западот во Украина и дали САД ја жртвуваат Европа, таа кажа дека не знае на која точно позиција стои Европа. „Ми се чини дека уште и оптимистично опишувате. Ми се чини дека САД со Европа направиле нешто полошо, дека ја фрлиле на колена.. Мислам дека сега е многу непримерна позицијата во која се наоѓаат европските држави. Ми се чини дека тие се изживуваат над Европа. Има тука и елементи на насилство, и елементи на непочитување и елементи на навреда и понижување и отсуство на каква било љубов кон оној свет кој САД го сметаат за свој“, кажа таа.
„Постојат оние кои се поглавни, а постојат и оние кои се, веројатно, помалку значајни и кои немаат право на глас. Погледнете, сега се повторува она што повеќе пати го гледавме, во 2014 година и претходно, кога Соединетите Американски Држави влијаат врз трети држави преку Европската Унија. Тоа е монструозно. Тоа е диво. Тоа е безумно. Тоа е така. Тоа е одговорот на вашето прашање. Второ, тука се појавува уште едно прашање. Зошто Европската Унија дозволува кон неа така да се однесуваат? Веројатно, претпоставуваме, дека тие луѓе кои доаѓаат на власт во цела низа држави на Европската Унија и во бриселските институции, се сигурно вовлечени во некои посебни односи со САД. Можеби ги туркаат, лобираат, ги финансираат. Бидејќи друго објаснување, искрено, немам. Кога Европејците како Борел, кој во Европската Унија претставува некаква дипломатија, зборуваат за тоа дека за решавање на ситуацијата во Украина нема друг пат освен воениот на бојното поле, морам да ги прашам: вие сигурно сте од Европа? Вие сте сигурно меѓународни службеници, се добива впечаток дека не припаѓате на тој континент и дека иднината на нашата единствена Европа воопшто не ве интересира. Како вие и вашите деца да нема да живеете на тој простор“, продолжи Захарова.
Таа смета дека впечатокот е дека сега Европејците наметнуваат став кој не е нивен. „Но тоа е само половина проблем. Главната мака е во тоа што тој став противречи на нивните вистински интереси. Зборувавме за бегалците кои дојдоа од Украина во земјите од ЕУ. Тоа е парадоксално. Пред само една, две години на луѓето од нашата држава кои имаа визи, некои дури и имот на територијата на ЕУ, им беше забрането да одат таму. Зошто? Изговорот беше дека немаат вакцини кои во ЕУ се признати како ефикасни. Нашите вакцини „Спутник“ и „Ковивакс“ немаат меѓународен сертификат. А сега доаѓаат бегалци од Украина. Нив никој за ништо не ги прашува. Сега во Европа има епидемии од цела низа болести. Избиваат морбили и други болести, поради големиот број бегалци. Какви се тие диви контрадикторности?“, праша таа.
„Друг момент, ако го земеме предвид она што ѝ претходеше на 2022 година – сегашноста е реакција на односот на апатија, на рамнодушноста кои доведоа до трагедијата, бидејќи киевскиот режим дозволи апсолутна неказнивост за сè. Зеленски и неговата екипа, некои чудни луѓе, некои глумци, луѓе кои воопшто немаат корени во таа земја, кои не ја разбираат и не ја чувствуваат и претставуваат политички платеници. Тие играат улога. Знаете, улогата може да се игра на различни начини. Може да се биде харизматичен човек, и својата харизма, својот дар, говорнички, политички, човечки да се користи за добро. Можете да ги поведете луѓето, да ги обедините луѓето, да ги изведете од тешка ситуација. Но тие се политички платеници. Тие работат по нарачка. Нарачките доаѓаат од Западот, нормално. Пред сè од Вашингтон. Што е тука главно, парите, уцената, власта, не знам, игра на спротивности, но не би зборувала за тоа, тоа е опширна тема. Но тие се без сомнеж политички платеници. И нормално, улогата на Западот сега, според моето мислење, е самоубиствена. Од аспект на европскиот запад, таа е самоубиствена. Вашингтон тука гледа за себе некаков ќар, уривањето на мирот секогаш било дел од нивната политика. Воспоставувањето мир тие никогаш не го пропагирале како нешто позитивно, како правилен пат. А тоа што сега се случува, нормално, ќе има огромни последици по светот, по нашата планета во секоја смисла. А улогата на Западот, категорично инсистирам, со тоа што не одговара за своите постапки, е разурнувачка“, заклучува Захарова.






