понеделник, 8 декември 2025

Вучиќ: Решение за НИС во следните седум дена, Американците ме предупредија дека српските финансиски институции се во опасност

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави денес дека во следните седум дена мора да се најде решение за Нафтената индустрија на Србија (НИС), на која САД ѝ поставија услов за укинување на санкциите да не биде во мнозинска сопственост на Русија. На отворена седница на српската влада на која учествуваше, тој рече дека последната опција за НИС би била национализација, доколку нема друго решение.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Министерката за енергетика на Србија, Дубравка Џедовиќ Хандановиќ, изјави дека „добиле јасна порака од САД дека мора да има промена во сопственоста на НИС“.

„Работите се многу јасни, НИС е под санкции. Неколку пати добивме продолжени лиценци за работа, но од 9 октомври се воведени санкции и добивме многу јасна порака од САД дека мора да има трајна промена на сопственоста, односно излегување на руските акционери од НИС. Нашите резерви се зачувани, граѓаните досега не ги почувствуваа промените. Не е можно да се води нешто вакво, подготвена сум да поднесам оставка, бидејќи не гледам како можеме да ја надминеме оваа ситуација“, рече Џедовиќ Хандановиќ, пренесува Нова.

Таа додаде дека 27 дена Србија не добила „ниту капка нафта“ од Јанаф.

„Можеме да почекаме уште три или четири дена, бидејќи сме свесни дека нема да има прилив на нафта“, рече Џедовиќ, додавајќи дека залихите на нафта се мерат „за десетина дена“.

Министерот за финансии Синиша Мали изјави дека Србија имала доволно разбирање кон „руските пријатели“ и дека е „време да размислуваме за себе и да ја преземеме работата во свои раце“. Тој додаде и дека „нашите руски пријатели“ дури и по 17 години работа во Србија, не предложиле на земјата-домаќин и ко-сопственик на НИС да бараат решение заедно.

Вучиќ рече дека разговарал со Американците и дека тие го предупредиле дека српските финансиски институции се загрозени.

„Американците ни дадоа рок до февруари за промена на сопственичката структура, но нè спречуваат да го користиме Јанаф. Хрватите не сакаа да чекаат ни секунда и да ризикуваат, па затоа го прекинаа протокот на нафта низ Јанаф“, рече тој.

Претседателот на Србија додаде дека „постојано ризикуваме поради односите што ги имаме со Русија“.

„Нашите банки се исто така изложени на ризик. Разговарав со американски претставници и тие ме предупредија за опасноста по нашите финансиски институции. Ги замолив уште 7 до 8 дена. Мислам дека успеав да го добијам тоа. Ќе добијам потврда денес во текот на денот. Ова значи – за да не бидат санкционирани нашите банки, за да не биде загрозен нашиот кредитен рејтинг – мора да излеземе од ова. За да не ја загрозиме најдобрата банка, целиот финансиски систем“, рече Вучиќ.

Тој, исто така, најави дека денес ќе има разговори со потенцијални европски и азиски партнери со кои руската страна преговара за промена на сопственоста во НИС. Ако не се согласат околу цената, повтори Вучиќ, државата ќе понуди повисока, бидејќи е подготвена дури и да плати повеќе за НИС, но не и да одземе ништо од никого.

„Мораме да донесеме одлука до крајот на неделата, што се однесува до финансиите. Се надевам дека азиските и европските партнери ќе успеат во преговорите со Русија. Ќе потпишеме сè и ќе го испратиме во САД на одобрување. По 13 февруари сме во тотален колапс“, изјави Вучиќ.

САД го отфрлија барањето од руска страна, поднесено до американскиот ОФАК од страна на руските сопственици, со кое се бара продолжување на лиценцата за работа, врз основа на преговори со трета страна. Во барањето се наведува дека руската страна е подготвена да ја отстапи контролата и влијанието врз компанијата НИС на трета страна, но американската страна одби.

САД воведоа целосна примена на санкции врз НИС поради нејзиното мнозинско руско сопствеништво на 9 октомври.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ