Од почетокот на руската инвазија на Украина кон крајот на февруари, повеќе од дванаесет летови на Ер Србија биле принудени да се вратат во Белград или Москва поради закана за бомба, а белградскиот аеродром бил евакуиран најмалку три пати.
„Ова го прават странските (разузнавачки) служби на две земји. Едната е земја на ЕУ, а другата е Украина“, рече Вучиќ, без да изнесе докази.
Србија, која е речиси целосно зависна од рускиот гас и нафта, одбива да воведе санкции кон Кремљ и одржува редовни летови до Москва.
Вучиќ во интервју за телевизијата Пинк изјави дека Србија го прави тоа „од принцип“.
„Ние ги продолжуваме овие летови буквално од принцип, бидејќи сакаме да покажеме дека сме слободна земја и дека самите донесуваме одлуки“.
Српскиот претседател во неделата изјави дека повторно било пријавено дека имало бомба во авион на Ер Србија додека бил над Словачка, но пилотот го продолжил летот бидејќи „знаеше дека дојавата е лажна“.
Србија не воведе санкции кон Русија, но гласаше за резолуцијата на ОН со која се осудува руската инвазија на Украина и за исфрлањето на Русија од Советот за човекови права на ОН.






