Рекетот број еден, Новак Ѓоковиќ ја загуби битката пред австралискиот суд и ќе мора да се врати дома. Брзо по донесената одлука со изјава се јави српскиот претседател Александар Вучиќ.
„Тие мислат дека со таа одлука го понижија Новак Ѓоковиќ. Тие се понижија себе, а Ѓоковиќ може да крене глава и да се врати во својата земја и секој да го погледне во очи“, вели Вучиќ.
„Вие 10-11 денови го малтретирате за да му ја дадете одлуката која сте знаеле дека ќе му ја дадете од првиот ден. Да сте рекле дека ако не е вакциниран нема да влезе во земјата, тој воопшто не би доаѓал или би се вакцинирал. Вака сте оставиле можност за медицинско изземање. Врз основа на тоа тој дојде кај вас и направи сè што требаше да се направи, а потоа следуваше шиканирање и малтретирање од невидени размери, медиумски линч и лов на вештерки бидејќи веројатно на Новак Ѓоковиќ сакаа да покажат како функционира светскиот поредок за лов на вештерки и како можат тоа да му го направат на секој“.
„Велат дека во Србија се вакцинирани под 50 проценти од граѓаните. Немојте да лажете, бидејќи официјално се вакцинирани 58 проценти, тоа е повеќе од многу земји во ЕУ, особено во нашето окружување. Тоа беше бесмислен аргумент“.
Во март Србија е домаќин на Светско атлетско првенство во сала. Вучиќ вели дека тие нема да ги пречекаат австралиските спортисти на ист начин.
„Ние нема да се изживуваме врз нив и да покажуваме сила. Ќе покажеме дека сме подобри од австралиската влада. Му благодарам на австралискиот народ за кој сум сигурен дека го сакаат српскиот народ исто како што и ние ги почитуваме нив“.






