Иранскиот врховен лидер ајатолах Али Хамнеи изјави дека неодамнешните немири во Иран се предизвикани, како што наведе, од „американски бунт чија цел е да го проголта Иран“.
Во објави на социјалните мрежи, Хамнеи рече дека „иранската нација го скршила ‘рбетот на бунтот“ и дека, според него, мора да се справи и со бунтовниците, пренесува Скај њуз.
Тој изјави дека Иран не ја води земјата во војна, но дека нема да ги остави неказнети, како што рече, „домашните и меѓународните криминалци на американскиот бунт“.
Според иранските државни медиуми, Хамнеи ги обвини „оние поврзани со Израел и САД“ за поттикнување на немирите, тврдејќи дека тие предизвикале голема штета за време на протестите и дека „неколку илјади луѓе“ биле убиени.
Тој, исто така, рече дека Иран го смета американскиот претседател Доналд Трамп за „криминалец“.
Хамнеи го нарече Трамп така поради, како што наведе, нанесување жртви, штета и клевета на иранскиот народ за време на протестите, пренесе Ројтерс.
Ајатолахот изјави дека „најновиот бунт против Иран“ бил поразличен бидејќи, според неговите зборови, американскиот претседател лично се вмешал, пренесоа иранските медиуми.






