Вчерашните коментари на Хамнеи на иранската државна телевизија следеа по состанокот на министерот за надворешни работи Абас Арагчи и дипломати од Германија, Франција и Обединетото Кралство – познати како Е3 – како и високата претставничка на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас, кога се разговараше за повторното воведување на санкциите, кои треба да стапат на сила за неколку дена.
Продолжувањето на разговорите со САД е главна пречка меѓу преговарачите. За време на својот говор на ГСОН, американскиот претседател Доналд Трамп вети дека Иран „никогаш нема да поседува нуклеарно оружје“, опишувајќи го Техеран како „најголемиот спонзор на тероризам во светот“.
„САД однапред го објавија резултатот од преговорите“, рече Хамнеи во снимено обраќање. „Резултат е суспензија на нуклеарните активности и збогатувањето. Ова не е преговарање. Ова е наредба, наметнување.“
Советот за безбедност на ОН (СБОН) пред неколку дена ја отфрли резолуцијата за продолжување на олеснувањата врзани со санкциите за Иран. Земјите од Е3 го обвинија Техеран за кршење на своите нуклеарни обврски, вклучително и акумулирање на залихи на ураниум 40 пати повеќе од дозволеното ниво според нуклеарниот договор од 2015 година, од кој Трамп еднострано се повлече во 2018 година за време на својот прв мандат.
Заедничкиот сеопфатен план за акција беше потпишан меѓу Иран и светските сили, вклучувајќи ги и САД, со кој се укинаа санкциите во замена за ограничување на иранските нуклеарни амбиции. Сепак, како дел од својата политика на „максимален притисок“, Трамп повторно воведе санкции врз Иран во 2018 година.
Администрацијата на претседателот Џо Бајден ја продолжи политиката на Трамп кон Иран, и покрај тоа што првично ја критикуваше.
Европските држави порачаа дека се подготвени да го продолжат рокот за санкции доколку Иран продолжи со директни преговори со САД за својата нуклеарна програма, им дозволи на инспекторите на ОН пристап до своите нуклеарни локации и ја разјасни ситуацијата со повеќе од 400 килограми високо збогатен ураниум, со кој, според тврдењата на нуклеарната агенција на ОН, располага.
Дописникот Џејмс Бејс од Ал Џезира објави дека германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул изјавил дека вчерашниот состанок на маргините на Генералното собрание на ОН „не поминал баш добро“.
Европскиот преговарачки тим мора да види некои „сериозни потези“ од Иран за да се избегнат санкции, изјави шефицата на дипломатијата на ЕУ, Калас. „Дипломатијата има шанса. Роковите истекуваат, па ќе видиме. Исто така, треба да видиме некои сериозни потези од иранската страна“, рече таа.
Иран постојано негира дека развива нуклеарно оружје, но го потврди своето право на за мирно користење на нуклеарната енергија. Вчерашниот говор на Хамнеи ја потврди нуклеарната доктрина на Техеран: Иран не сака нуклеарно оружје, но нема да попушти пред меѓународниот притисок, објави од Техеран дописникот за Ал Џезира Тохид Асади.






