Адмиралот Џузепе Каво Драгоне, претседател на Воениот комитет на НАТО, потврди дека западната воена алијанса ја проучува можноста за зајакнување на својот одговор на хибридното војување што го спроведува Москва, пишува Фајненшл тајмс.
„Разгледуваме сè… Во однос на сајберпросторот, прилично сме реактивни. Да бидеме поагресивни или да бидеме проактивни наместо реактивни е нешто за кое размислуваме“, рече Драгоне.
Европа е погодена од бројни инциденти на хибридно војување – од сечење кабли во Балтичкото Море до сајбер напади низ целиот континент – од кои некои се припишуваат на Русија, додека потеклото на другите останува непознато.
Затоа некои дипломати, особено од земјите од Источна Европа, го повикуваат НАТО да престане да биде исклучиво реактивен и да почне да возвраќа. Таквиот одговор би бил најизводлив во случај на сајбер напади, каде што многу земји веќе поседуваат офанзивни капацитети, но би бил значително посложен кога станува збор за саботажи или упади со беспилотни летала.
Драгоне истакна дека „превентивниот удар“ може да се смета за „одбранбена акција“, но додаде: „Тоа е надвор од нашиот нормален начин на размислување и однесување“.
Сепак, тој ја остави отворена можноста за промена на пристапот. „Да се биде поагресивен во споредба со агресивноста на нашиот противник може да биде опција. Прашањата се правната рамка, јурисдикциската рамка, кој ќе го стори тоа?“, додаде тој.
Како пример за успешно одвраќање, НАТО ја посочува својата мисија „Балтичка стража“, во рамки на која бродови, авиони и поморски дронови патролираат низ Балтичкото Море. Мисијата спречи повторување на голем број инциденти со сечење кабли што се случија во 2023 и 2024 година, за кои се сомнева дека се случиле од бродови поврзани со руската „флота во сенка“, дизајнирана да ги заобиколи западните санкции.
„Од почетокот на мисијата „Балтичка стража“, ништо не се случило. Ова значи дека ова одвраќање функционира“, нагласи Драгоне.






