петок, 12 декември 2025

Вонредна состојба во Отава поради протестот на камионџии: „Градот е надвор од контрола“ (ВИДЕО)

Објавено на

часот

Сподели

Демонстрантите ги оцени за „закана за безбедноста на граѓаните“, пренесува Би-би-си њуз. Возачи на камиони со своите возила и шатори го парализираа центарот на градот. „Конвојот на слободата“ започна како движење против барањето на владата сите возачи на камиони да се вакцинираат против ковид.

Во интервју за канадското радио ЦФРА Вотсон рече дека демонстрантите се однесуваат „непримерно“, додавајќи дека „постојано трубат и пуштаат огномети“ и „се однесуваат како да се на забава“. „Очигледно е дека бројно сме совладани и ја губиме оваа битка. Ова мора да го промениме и да го вратиме градот под контрола“, додаде Вотсон.

Градоначалникот не прецизираше какви мерки би можел да воведе, но полицијата вчера соопшти дека би можела да преземе поригорозни активности од претходно, што би можело да вклучи апсење на оние кои им помагаат на демонстрантите.

Вонредната состојба ќе им даде дополнителна моќ на градските лидери, наведе Би-би-си. Во соопштението од градот се вели дека прогласувањето на вонредна состојба „рефлектира сериозна опасност и закана за безбедноста на граѓаните поради протестите и ја нагласува потребата за поддршка на правосудниот систем и другите нивоа на власта“.

Многу граѓани на Отава го изразија своето незадоволство од протестите. Се жалат на камионите кои го нарушуваат сообраќајот и на новоизградените импровизирани дрвени конструкции во градските паркови. Полицијата соопшти дека е загрижена бидејќи конвојот привлекол екстремно десничарски и екстремистички делови од општеството, според Би-би-си.

Во неделата потврдија дека истражуваат повеќе од 60 пријави поврзани со протестот, почнувајќи од нарушување на јавниот ред и мир, преку кражби и оштетување на туѓ имот, до злосторства од омраза. Повеќе луѓе се уапсени. 83% од Канаѓаните се вакцинирани против ковид, а повеќето граѓани ја поддржуваат задолжителната вакцинација.

Би-би-си во анализата на настаните наведува дека канадскиот главен град, во кој е сместен и парламентот, е навикнат на протести, но началникот на полицијата во Отава во неколку наврати изјави дека нема преседан за протест како „Конвојот на слободата“, барем во однос на нивото на организација и финансирање.

Нема сомнеж дека демонстрантите се „всадија“ и немаат намера да се откажат, а во изминатите два викенда им се придружија илјадници луѓе кои ги поддржуваат. Бидејќи крајот на протестите не се наѕира, полицијата мора да се справи и со фрустрациите на граѓаните на Отава, од кои многумина се прашуваат зошто не е сторено повеќе за да се стави крај на протестот кој го парализираше центарот на градот.

Демонстрантите се соочуваат и со потенцијални тужби поради непрестајното трубење кое трае со часови секој ден, иако организаторите рекоа дека ќе се обидат да ја ограничат вревата така што ќе се труби само во текот на денот.

Прогласувањето на вонредна состојба е само последно во низата обиди на градските власти да извршат притисок врз демонстрантите, но сè уште не е јасно како сето тоа ќе заврши. Што се однесува до организаторите на протестот, тие ветија мирен протест согласно законот, но порачаа дека „ќе останат онолку колку што е потребно“.

Протестот беше поттикнат од одлуката да се воведе обврска за вакцинација против ковид за сите возачи на камиони кои ја минуваат границата меѓу САД и Канада. Демонстрантите потоа почнаа да се собираат во центарот на Отава, во близина на зградата на парламентот, а нивните барања во меѓувреме пораснаа – од напуштање на одлуката за задолжителна вакцинација како услов за преминување на границата до укинување на сите одлуки за задолжителна вакцинација низ целата земја.

Демонстрантите главно се против владата на премиерот Џастин Трудо. Во петокот, поранешниот американски претседател Доналд Трамп го поддржа протестот, нарекувајќи го Трудо „лудакот од екстремната левица“ кој „ја уништи Канада со лудо пропишување мерки против ковид“.

Според неодамнешното истражување на јавното мислење спроведено од Абакус дејта, 68% од канадските испитаници рекле дека имаат „многу малку“ заедничко со демонстрантите, додека 32% рекле дека имаат „многу“ заедничко со возачите на камиони кои протестираат во Отава.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ