Водачот на Велтхунгерхилфе (во превод: Помош против гладот во светот) Матијас Моге предупреди дека руската војна против Украина ќе доведе до глад во разни делови на светот.
„Земјите како Египет, Кенија, Јужен Судан, Либан и многу други држави се многу зависни од рускиот и од украинскиот извоз, било директно или индиректно“, рече тој за време на викендот за медиумската група РНД.
„Овие земји веќе не ги добиваат количествата што ги порачале, а мора да платат многу повеќе за нив“, додаде тој.
Цените на храната уште пред војната пораснаа на највисоко ниво во историјата, пред сѐ поради факторите што ги вклучуваат климатските промени, судирите и пандемијата, рече Моге.
Најмногу под удар е посиромашното население, кое голем дел од расположливите примања мора да троши за храна, истакна тој и додаде дека повисоките цени исто така се проблематични и за хуманитарните друштва.
„Кога Светската програма за храна на ОН (ВФП) во 2015 година мораше да ги намали оброците во бегалските кампови за сириските бегалци, тоа беше една од причините за големи бегалски движења во Европа. Ова не би смееле да го заборавиме“, предупреди Моге.






