Ова е првата пресуда во 11 случаи за корупција со кои е соочена Су Кју по антикорупцискиот закон. Секое од обвинувањата носи можна казна од максимални 15 години затвор.
76-годишната Су Кју е осудена за наводно земање мито во износ од 600.000 американски долари во готовина и златни прачки од поранешниот главен министер на градот Јангон. Су Кји ги отфрла обвинувањата и ги смета за апсурдни.
Судењето беше затворено за јавноста.
Добитничката на Нобеловата награда за мир, која го водеше Мјанмар пет години пред да биде урната од власта во државниот удар на почетокот на 2021 година, е обвинета за најмалку 18 кривични дела за кои комбинираните максимални казни затвор изнесуваат речиси 190 години ако биде осудена, јавува Ројтерс.
Засега не е познато дали казната ќе ја служи во затвор или ќе ѝ биде дозволено да остане во домашен притвор.
Су Кји беше уапсена на 1 февруари минатата година, неколку часа пред војската да ги урне демократски избраните лидери во земјата и да го врати Мјанмар под воена власт.
Од апсењето се наоѓа на непозната локација каде, како што претходно кажа шефот на воената хунта Мин Аунг Хлаинг, би можела и да остане. Таа во декември и јануари за помали кривични дела беше осудена на вкупно шест години затвор.
Мјанмар од воениот удар е во политички хаос, а војската се бори да ги смири уличните протести и движењата на граѓанска непослушност, како и оружениот отпор на милициите против хунтата низ земјата кои се обидуваат насилно да ја урнат воената влада.
Според податоците на организацијата за заштита на човековите права, Здружението за помош на политички затвореници кое ги документира убиствата и кршењата на човековите права, најмалку 1.700 луѓе се убиени, а над 13.000 се уапсени по пучот.






