Нападот се случил кога Ајман Газали, 41, со автомобил се залетал на синагогата Темпл Израел во општина Вест Блумфилд во близина на Детроит. Потоа разменил оган со обезбедувањето и починал од самонанесена прострелна рана, според Министерството за внатрешна безбедност. Еден обезбедувач бил повреден во нападот, додека десетина припадници на итните служби биле згрижени поради вдишување чад.
Повеќе од 100 деца кои во тој момент биле во зградата не биле повредени. ФБИ го нарече инцидентот „намерен чин на насилство против еврејската заедница“. Ајман Газали, натурализиран американски државјанин по потекло од Либан, бил евидентиран во базите на податоци на американската влада поради врски со осомничени членови на Хезболах, но официјални лица запознаени со случајот велат дека се верува дека самиот не бил член.
Портпаролот на ИДФ за арапски јазик Авичај Адраи изјави дека Ибрахим Газали бил убиен на 5 март во напад врз воен објект на Хезболах кој служел како складиште за оружје. Смртта на браќата Газали ја потврди и шефот на либанскиот град Машгара. Тој претходно изјави за Си-ен-ен дека во воздушниот напад од 5 март загинале браќата на Ајман, вклучувајќи го и Ибрахим, како и децата на Ибрахим. Во својата изјава, ИДФ не го спомена другиот брат, Касим, кој исто така бил убиен во нападот.
Нападот врз синагогата е еден од неколкуте неодамнешни инциденти што американските власти ги истражуваат како терористички акти, кои се случија во време кога САД влегуваат во третата недела од војната со Иран. Минатиот викенд, двајца осомничени беа обвинети за фрлање импровизирани експлозивни направи за време на протест пред резиденцијата на градоначалникот на Њујорк, во она што властите го опишаа како напад инспириран од ИСИС.
Две недели претходно, вооружен напаѓач уби три лица и рани повеќе од десетина други во Остин, Тексас. Носел маица со иранско знаме под качулката, а властите истражуваат дали нападот бил делумно инспириран од нападите на САД и Израел врз Иран тој викенд. Исто така, во четврток, во пукање на Универзитетот Олд Доминион во Вирџинија беше убиено едно лице, а повредени се уште две лица. Властите го идентификуваа вооружениот човек како Мохамед Бајлор Џалох (36), поранешен припадник на Националната гарда кој веќе служел затворска казна поради обид за помагање на ИСИС.
Поради, она што го опишаа како, засилена безбедносна ситуација поврзана со конфликт во странство, неколку национални и државни лидери, вклучувајќи ја и гувернерката на Њујорк Кети Хочул ги засилија безбедносните мерки.






