понеделник, 30 март 2026

Во руски напад со ненаведувани бомби убиени цивили во Чернихов, можно воено злосторство (ВИДЕО)

Објавено на

часот

Сподели

Рускиот воздушен напад во кој наводно загинале 47 цивили во украинскиот град Чернихов може да претставува воено злосторство, соопшти денеска Амнести интернешнел по истрагата за нападот.

Околу 12.15 часот во четвртокот на 3 март, мал плоштад во Чернихов беше погоден од повеќе бомби, убивајќи цивили и сериозно оштетувајќи ги околните згради.

Врз основа на нови интервјуа и проверката и анализата на видеодоказите, тимот за одговор на кризи на Амнести интернешнел заклучи дека нападот најверојатно бил руски воздушен напад во кој биле користени најмалку осум ненаведувани воздушни бомби – познати како „глупави бомби“.

„Ова било безмилосен, неселективен напад врз луѓето додека тие ги вршеле своите секојдневни активности во своите домови, улици и продавници“, рече Џоан Маринер, директорка за одговор на кризи на Амнести интернешнел.

„Овој шокантен напад е еден од најсмртоносните што ги претрпе народот на Украина. Обвинителот на Меѓународниот кривичен суд треба да го истражи овој воздушен напад како воено злосторство. Одговорните за таквите злосторства мора да бидат изведени пред лицето на правдата, а жртвите и нивните семејства мора да добијат целосна репарација“.

Регионалната управа на Чернихов извести дека во нападот загинале 47 лица (38 мажи и девет жени). Потврдената снимка од нападот покажува како осум бомби се фрлаат блиску едноподруго и паѓаат во линија, како што е вообичаено во бомбардирањето.

[video:https://www.youtube.com/watch?v=V4-5I5IfwBE autoplay:0]

Амнести интернешнел не било во можност да идентификува легитимна воена цел на местото на нападот или блиску до него. Сателитските снимки од 28 февруари покажуваат редица луѓе пред зграда што е погодена во напад. Врз основа на овие слики и сведоштва собрани од сведоци, Амнести интернешнел верува дека мнозинството жртви чекале во ред за храна кога биле погодени од проектилите.

На снимката од автомобилска камера, се гледаат бомбите што паѓаат и може да се слушне звукот на, најверојатно, ниско брзо поминување на авион, што е во согласност со тактиката на изведување на напади од овој тип.

Фрлањето ненаведувани бомби во населени места ја прекршува забраната за извршување неселективни напади. Таквите бомби имаат удар на широк простор и се многу помалку прецизни од муницијата со прецизно наведување.

Потврдено од Лабораторијата за кризни докази

Лабораторијата за кризни докази на Амнести интернешнел ги потврди снимките од последиците од нападот, на кои се гледале оштетувања на зградите и тела на улицата. Снимките од Државната служба за вонредни состојби на Украина, исто така, ги покажаа штетата и спасувачките напори.

Други потврдени видеа од последиците покажуваат широко уништување и најмалку еден карактеристичен кратер од бомба, со големина што е во согласност со површинската ударна муниција од приближно 500 килограми.

Друга потврдена содржина од друга локација на воздушен напад во Украина покажува ненаведувана бомба ФАБ-500 M62, која ја отстраниле силите на цивилната одбрана. Дополнително, официјалното видео објавено од руската војска на 6 март го прикажува лансирањето на авионот Су-34 Фулбек натоварен со осум бомби ФАБ-500, што е показател за типичната борбена натовареност во тековните руски операции.

[video:https://www.youtube.com/watch?v=mHDeKGCcTno autoplay:0]

„Сите држави треба да соработуваат со Меѓународниот кривичен суд и со новата истражна комисија формирана од Советот за човекови права на ОН за да помогнат да се обезбеди одговорност за тешки прекршувања и злосторства како што е овој напад. Мора да има правда за жртвите на овој конфликт“, рече Џоан Маринер.

Амнести интернешнел претходно повика меѓународното хуманитарно право и законот за човекови права да се почитуваат од сите страни додека трае конфликтот во Украина.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ