Повеќе делегации положија венци кај неговата родна куќа, меѓу останатите и делегација на општината Кумровец, Сојузот на антифашистички борци и антифашисти на Хрватска и Сојузот на друштва Јосип Броз Тито, пренесува Хина.
Како и во претходните години, како во времето на поранешната држава, точно во времето на неговата смрт, во 15:05, се слушна звукот на сирената.
Претседателот на Сојузот на антифашисти на Хрватска Фрањо Хабулин истакна дека името на Јосип Броз Тито и антифашизмот се неразделни, како и дека Тито остави еднаквост, рамноправност, социјална правда и миротворство.
„Тито остави слободна држава, конечно и слободна Хрватска која по војната беше во составот на југословенската федерација, денес самостојна европска држава“, истакна Хабулин.
Градоначалникот Жељко Колар кажа дека 99 отсто од луѓето од поранешната држава знаат каде биле пред 42 години на 4 мај во 15:05. Тој истакна дека во тој момент било нормално, бидејќи „замина светски великан, лидерот на антифашистичкото и партизанското движење во Втората светска војна, човекот кој во 48-мата на Сталин му кажа „не“, кој со Насер и Нехру ги основа Неврзаните“.






