Научници пронајдоа траги од коронавирусот што би можеле да ја зајакнат теоријата дека пандемијата почнала со протекување од лабораторија.
Откритието, од анализа на примероци од почва, сугерира дека коронавирусот можеби не преминал природно од дивиот свет на луѓето.
Сепак, потребни се повеќе докази, особено во врска со точното време кога вирусот влегол во примероците.
Научници во Унгарија пронашле траги од уникатна варијанта на коронавирусот додека ја испитувале ДНК од почвата од Антарктикот што бил испратена до фирмата Сангон биотек во Шангај.
Истражувачите пронашле и генетски материјал од кинески хрчаци и зелени мајмуни, што може да сугерира дека вирусот бил испитуван во лабораторија, користејќи ги или самите животни или нивните клетки.
Некои од оние што ја поддржуваат теоријата за протекување од лабораторија велат дека кинеските научници го создале вирусот како дел од лабораториски експеримент за да го направат поопасен, пред тој да им избега.
Виконт Ридли, автор на „Вирусно: потрагата по потеклото на ковид-19“, рече дека најновите докази може да ја поддржат теоријата за протекување од лабораторија поради присуството на „три клучни (ковид) мутации“ што се карактеристични за најраните секвенци на вирусот.
Сепак, наодите мора да се толкуваат со претпазливост, бидејќи ДНК во почвата можеби била контаминирана со вирусот од првите пациенти со ковид, кои Кина ги пријави во декември 2019 година.
Примероците од почвата биле испратени истиот месец до Сангон биотек, но не се знае кога биле анализирани.
Откритијата, од Универзитетот Еотвос Лоранд и Универзитетот за ветеринарна медицина, двата во Будимпешта, се објавени на интернет, но сè уште не се официјално рецензирани од други научници.
Професорот Џеси Блум од Истражувачкиот центар за канцер Фред Хачинсон во Сиетл во САД, ги преиспитал податоците од Унгарија и потврди дека примероците од Антарктикот навистина го содржат вирусот. Но тој рече дека „конечните импликации остануваат нејасни“, пренесува Дејли мејл.






