сабота, 21 февруари 2026

Во израелските напади во Либан загинаа најмалку 10 лица, повредени се 24, меѓу кои и три деца

Најмалку десет лица загинаа, 24 се повредени, меѓу кои и три деца, во израелските напади во долината Бека во источен Либан, соопшти денес либанското Министерство за здравство.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Во израелски напад врз палестински бегалски камп во пристанишниот град Сидон вчера попладне загинаа уште две лица.

Израел соопшти дека гаѓале „командни центри“ на либанската милитантна група Хезболах во долината Бека. Хезболах сè уште не издаде соопштение.

Според снимките од нападот објавени од локална телевизија, местото на напад изгледа како станбена зграда, а се гледаат спасувачки екипи како се борат со пожарот и ги пребаруваат урнатините за преживеани.

Кога нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година предизвика војна во Газа, либанскиот Хезболах почна да испукува ракети од Либан кон Израел за да ги поддржи Хамас и Палестинците.

Израел одговори со воздушни напади и гранатирање. Конфликтот со низок интензитет ескалираше во целосна војна во септември 2024 година, војната беше сопрена, но не и целосно запрена, со договор за прекин на огнот постигнат со посредство на САД два месеци подоцна.

Израел го обвинува Хезболах дека се обидува да зајакне и изведува речиси секојдневни напади во Либан, за кои Израел вели дека се насочени кон милитантите на Хезболах.

Од воведувањето на примирјето, Хезболах презеде одговорност за еден напад врз Израел.

Бројот на загинати во вчерашниот напад е невообичаено висок и се случува во момент на зголемени тензии во регионот кога САД се закануваат дека ќе го нападнат Иран, кој ги поддржува и Хезболах и Хамас, доколку не се постигне договор во преговорите за нуклеарната програма на Иран.

За време на минатогодишната израелско-иранска војна од 13 дена, Хезболах остана настрана, но многумина во Либан стравуваат дека, доколку избувне нова војна, земјата може да биде вовлечена во неа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ