Во разговор со новинари на порталот Украинска правда во Израел, Миндич ги негираше сите обвинувања за поткуп, злоупотреба на службена должност и нелегално богатење.
Истрагата, која се врти околу државната нуклеарна компанија Енергоатом, прерасна во еден од најголемите политички скандали во Украина во последните години.
Националното биро за борба против корупцијата на Украина (НАБУ) го именуваше Миндич, поранешен сопственик на телевизиското студио „Квартал 95“, основано од Зеленски, за главен организатор на корупциска шема. Според истражителите, Миндич бил информиран за претстојното обвинение и ја напуштил земјата само неколку дена пред официјално да биде поднесено.
Во скандалот се вмешани и други влијателни личности, вклучувајќи го поранешниот заменик премиер Олексиј Чернишов, министерот за енергетика Герман Халушченко и Рустем Умеров, поранешен министер за одбрана и сегашен секретар на Советот за национална безбедност и одбрана. Високиот антикорупциски суд на Украина на 1 декември нареди апсење на Миндиќ во отсуство поради неговата наводна улога во корупциска шема вредна 100 милиони долари.
Journalists from Ukrainska Pravda have located businessman Timur Mindich in Israel. Mindich is currently a suspect in a corruption investigation by the National Anti-Corruption Bureau of Ukraine (NABU) and is under Ukrainian sanctions. He left Ukraine on November 10, just hours… pic.twitter.com/zzQm7NZg75
— Sota News (@sotanews) December 26, 2025
Миндич: Ме прикажаа како екстремист
Во интервју за Украинска правда, Миндич одби да коментира за судската постапка, наведувајќи дека неговите адвокати го советувале да не го прави тоа додека случајот е активен. Сепак, тој изрази големо разочарување од медиумското известување, тврдејќи дека бил неправедно прикажан како централна фигура во наводна корупциска шема.
Според него, медиумите го означиле како „екстремист“ и „виновник“. Тој жестоко негираше дека избегал од земјата за да избегне истрага, тврдејќи дека неговото заминување било однапред планирано.
На прашањето за неговиот однос со претседателот Зеленски, Миндич одговори дека поминало многу време од нивната последна комуникација. Тој, исто така, негираше блиски врски со Андриј Јермак, поранешен началник на кабинетот на Зеленски, кој неодамна поднесе оставка, наводно поради неговата поврзаност со истата истрага. Оваа изјава е во спротивност со претходните изјави на Миндич во кои тој го нарече Јермак свој близок пријател.
Врска со одбранбената компанија Фајер поинт
Миндич во интервјуто се осврна и на контроверзноста околу украинската одбранбена компанија „Фајер поинт“, негирајќи каква било поврзаност со неа. Компанијата не постоела пред руската инвазија, но оттогаш станала еден од најголемите примачи на средства од буџетот на Министерството за одбрана за купување беспилотни летала, вклучувајќи ги и парите обезбедени од западните сојузници како што се Данска и Германија.
Сепак, уште во август, Киев Индепендент објави за истрага на Бирото за борба против корупцијата за работењето на „Фајер поинт“. Според три независни извори кои тогаш разговарале со новинарите, истражителите го проследиле сопствеништвото на компанијата сè до Миндич.






