„Од 1 февруари, сите оние кои не примиле дополнителна доза вакцина против коронавирус, а поминале седум месеци од претходната, втора доза, ќе се сметаат за невакцинирани“, изјави Плеврис во програмата за телевизијата Ант1.
„Сертификатот сè уште ќе важи бидејќи е европски сертификат со важност од девет месеци, но овие луѓе повеќе нема да можат да ги користат поволностите како што е пристап до затворени простори резервирани за вакцинирани лица“, додаде тој.
Во Грција, повеќе од седум милиони од вкупно 11 милиони жители досега се вакцинирани против ковид, а повеќе од 3,9 милиони лица примиле и бустер.
Соочена со нагло зголемување на бројот на заразени со варијантата омикрон, грчката влада најави серија нови рестриктивни мерки на 29 декември, вклучително и забрана за пуштање музика во баровите и рестораните се со цел да ги ограничи новогодишните прослави.
Работа од дома во јавниот и приватниот сектор се зголеми од 20 на 50 проценти.
Маска ФФП2 или две хируршки заштитни маски, една преку друга, станаа задолжителни за вработените во угостителството и за жителите за пазарење во супермаркети или за користење на јавниот превоз.
Од почетокот на пандемијата, во Грција се регистрирани вкупно 1.489.024 случаи на инфекција со коронавирус.
Атина и Солун, вториот по големина град во Грција, каде живее речиси половина од вкупното население на Грција, се најпогодени од варијантата омикрон, велат властите.
На 14 декември, здравствените власти пријавија рекордни 130 смртни случаи од последици на ковид за 24 часа. Бројот на дневни смртни случаи оттогаш е паднат под 100.
Во земјата досега се регистрирани 21.328 смртни случаи.






