Комисијата има за цел да ги идентификува поранешните вработени, гостите на ранчот и државните службеници кои можеби знаеле што се случува или учествувале во наводното сексуално злоставување на имотот со површина од 3.075 хектари.
Андреа Ромеро, демократка од Санта Фе, која го предложи законот за формирање на комисијата, рече дека комисијата ќе ги искористи овластувањата да „принуди присуство на сведоци“, да „издава судски покани“ и со јавните евиденции и сведочења да „се состави целата приказна“.
Ранчот веќе се спомнува како место на злоставување во граѓански тужби, а две од четирите жртви кои сведочеа на судењето на Гислен Максвел рекоа дека биле злоставувани таму.
Покојната Вирџинија Џуфре исто така тврдеше дека Епстин ја подведувал на моќни мажи, вклучувајќи го и поранешниот гувернер на Ново Мексико, Бил Ричардсон. Ричардсон, кој почина во 2023 година, претходно преку својот претставник изјави дека никогаш не ја запознал Џуфре и дека нејзините обвинувања се „целосно лажни“.
Министерството за правда на САД објави повеќе од три милиони документи според Законот за транспарентност на досиејата на Епстин. Меѓу нив беше и е-пошта од лице кое тврди дека е поранешен вработен на ранчот.
Лицето, чие име беше редигирано од министерството, испратил порака до Еди Арагон, конзервативен радио водител и поранешен кандидат за градоначалник на Албакерки, во ноември 2019 година, неколку месеци откако Епстин почина во затвор.
Авторот на писмото тврди дека две „странски девојки“ починале од задушување за време на „груб, фетишистички секс“ и подоцна биле закопани „по наредба на Џефри и госпоѓа Г“, што најверојатно се однесува на Гислен Максвел, соработничката на Епстин која отслужува 20-годишна казна за трговија со луѓе заради сексуална експлоатација.
Во писмото се наведува дека телата биле закопани „некаде во ридовите надвор од Зоро“. Авторот исто така тврди дека од куќата на Епстин земал седум видеа, вклучувајќи ги и оние што прикажуваат секс со малолетни девојки, како „осигурување во случај на идни тужби против Епстин “. Тој му понудил на Арагон да му ги испрати видеата на УСБ-стик во замена за еден биткоин.
Арагон минатата недела за веб-страницата Сорс Њу Мексико изјави дека го споделил писмото со ФБИ веднаш откако го примил и дека на авторот не му одговорил, ниту платил за видеата. „Се чинеше многу уверливо“, рече тој за писмото. „Затоа и го препратив“.
Џејмс Грејсон, главниот заменик-јавен обвинител на Ново Мексико, потврди дека ги истражува обвинувањата. „Ќе работиме на добивање на оригиналните, нецензурирани е-пораки и сите придружни досиеја, бидејќи пристапот до комплетни и автентични материјали е од суштинско значење за нашата проценка и планирање“, рече Грејсон. Комисијата требаше да го одржи своето прво рочиште во вторник.
Ранчот Зоро имал голем број познати посетители, вклучувајќи го покојниот француски моден агент Жан-Лук Брунел, лингвистот Ноам Чомски и режисерот Вуди Ален. Брунел почина во француски затвор во 2022 година додека чекаше судење за обвиненија за трговија со малолетници, додека Чомски и Ален не се обвинети за никакви кривични дела.
Властите претресоа многу други имоти на Епстин во текот на годините – вила во Њујорк, приватен карипски остров, имот во Палм Бич и стан во Париз – но државните и локалните власти велат дека немаат сознанија за никакви федерални пребарувања на ранчот.
Имотот, кој се наоѓа на околу 65 километри јужно од Санта Фе, вклучува вила од 2.500 квадратни метри и приватна писта. Епстин го купил во 1993 година од Брус Кинг, поранешниот демократски гувернер на Ново Мексико.
По смртта на Епстин во 2019 година, вредноста му беше проценета на 21,1 милион долари, но округот Санта Фе подоцна ја намалил проценката на 13,4 милиони долари поради „озлогласеноста“ на имотот.
Ранчот е купен во 2023 година за неоткриена сума од Доналд Хафинс, бизнисмен и поранешен републикански сенатор, кој сега се кандидира за државен контролор на Тексас. Хафинс во понеделникот на социјалните мрежи изјави дека ќе соработува со секоја полициска истрага за можни злосторства извршени на имотот. „Она што непријателот го наменил за зло, Бог може да го претвори во добро“, напиша Хафинс.
Тој откри дека семејството го преименувало имотот во ранч Сан Рафаел, „по светец поврзан со физичко и духовно исцелување“ и планира да го претвори во христијанско светилиште и „да му го врати на Исус“.
Портпаролот на семејството Ален Блејкмор рече дека сопствениците сè уште не биле контактирани од локалните, државните или федералните власти со барање за пристап до имотот. „Ако и кога ќе го сторат тоа, секако ќе имаат наша целосна и комплетна соработка“, рече Блејкмор.






