Кипар, кој го има ротирачкото претседателство со Советот на ЕУ, доцна вчера објави дека е свикан вонреден состанок на амбасадорско ниво како одговор на најновите најави од САД.
Трамп рече дека САД ќе воведат дополнителни 10 проценти царини на увоз од осум европски земји почнувајќи од 1 февруари поради спорот за Гренланд. Тој постојано повторуваше дека сака да го поседува Гренланд за да може да ја гарантира безбедноста на Арктикот со оглед на заканата што, според него, ја претставуваат Кина и Русија.
Трамп во објава на својата социјална мрежа Трут соушл изјави дека царините ќе важат за целиот американски увоз од Данска, Норвешка, Шведска, Франција, Германија, Обединетото Кралство, Холандија и Финска. Царините ќе се зголемат на 25 проценти почнувајќи од јуни доколку не се постигне договор за купување на Гренланд.
ЕУ има опции
Гренланд, кој е во голема мера автономен, е дел од територијата на Данска, членка на НАТО. Гренланд изјави дека не сака да стане дел од САД, а членките на НАТО веруваат дека на САД не им е потребна контрола врз островот за да го заштитат Арктикот.
Не е познато дали на состанокот денеска ќе се расправа за можни контрамерки.
ЕУ има инструмент со кој може да се одбрани од трговски притисок, односно во ситуации кога трета земја се обидува да користи трговски мерки за да го принуди блокот или една од неговите членки да донесе одредена одлука. Инструментот овозможува воведување контрамерки против царините и многу други мерки, но е наменет за ситуации каде што сите други опции се исцрпени.
Земјите на кои Трамп им се закани со царини оваа недела објавија распоредување воен персонал за извидувачка мисија на Гренланд како дел од данската вежба „Арктичка издржливост“, организирана со сојузниците на НАТО.






