Бајден го предупреди рускиот претседател на „тешките и брзи последици“ со кои ќе се соочи Москва доколку ја нападне Украина, додека Путин во телефонскиот разговор со Макрон ги опиша обвинувањата против Русија за непосредната инвазија на Украина како „провокативна шпекулација“.
Според американските разузнавачки податоци, Русија наводно планира инвазија на Украина оваа недела.
„Без Путин нема Русија“, е ставот на заменик-шефот на протоколот на Кремљ, а со него се согласуваат и милиони Руси што со децении го реизбираат Путин да остане на власт, било како премиер било како претседател.
Русите веќе доживеаја тој да се префрли од именуван премиер (1999) на новоизбран претседател (2000-2008), па назад на премиер (2008-2012) и повторно на претседател (2012).
Во 21 век Русија знае само за Владимир Путин како лидер.
Владимир Владимирович Путин е роден на 7 октомври 1952 година во Ленинград, денешен Санкт Петербург.
Студирал право на Државниот универзитет во Ленинград, каде што дипломирал во 1975 година. За време на Советскиот Сојуз, 16 години бил агент на тајната служба КГБ. Тој го достигна чинот потполковник пред да поднесе оставка во 1991 година за да влезе во политичките води во Санкт Петербург.
Се преселил во Москва во 1996 година и се приклучил на администрацијата на претседателот Борис Јелцин. Постигна брз напредок и стана вршител на должноста претседател на 31 декември 1999 година, кога Јелцин поднесе оставка.
Иако претходно отсекогаш жалеше за распадот на СССР, неодамна изјави дека колапсот на земјата пред три децении е „трагедија за повеќето граѓани“. Како што јави државната новинска агенција РИА Новости, оваа изјава на Путин ќе се најде во претстојниот документарен филм наречен „Русија. Неодамнешна историја“, како и неговото „признание“ дека некое време возел такси за да „сврзе крај со крај“ „по распадот на СССР.
Додека едни го издигнуваат на пиедестал како еден од најголемите светски државници, а други го осудуваат за недемократско владеење, Путин покрај политичката кариера има и разни други интереси.
Од 11-годишна возраст активно се занимава со џудо и самба (руска боречка вештина). Носи црн појас во карате. Го сака скијањето, игра хокеј на мраз и поминува активни одмори во Русија, оди на рафтинг, јавање и риболов. Се занимава со заштита на ретките животни, особено амурскиот тигар, белиот кит, снежниот леопард и поларната мечка. Беше во брак со Људмила Путин, со која има две ќерки.
Што сака Путин од Западот?
„Ајде да замислиме дека Украина е членка на НАТО и ги почнува тие воени операции. Дали ние треба да војуваме со НАТО-блокот? Дали некој размислувал за тоа? Очигледно не“, рече рускиот претседател за украинската криза.
Путин објасни дека ако Украина се приклучи на НАТО, алијансата може да се обиде повторно да го заземе Крим.
Москва ги обвинува земјите од НАТО дека ја „пумпаат“ Украина со оружје, а САД дека поттикнуваат тензии за да го ограничат развојот на Русија. Путин се пожали дека Русија „нема каде повеќе да се повлече – дали мислат дека само ќе седиме со скрстени раце?“
Во реалноста Путин сака НАТО да се врати на своите граници од пред 1997 година, вели Би-би-си.

Бара повеќе да нема проширување кон исток и да прекине воената активност на НАТО во Источна Европа. Тоа би значело дека ќе бидат повлечени борбените единици од Полска и од балтичките републики Естонија, Летонија и Литванија и дека нема да бидат распоредувани проектили во земји како Полска и Романија.
Во очите на претседателот Путин, вели Би-би-си, Западот уште во 1990 година ветил дека НАТО нема да се шири „ниту една педа на исток“, но сепак го прави тоа.
Меѓутоа, тоа беше пред распадот на Советскиот Сојуз, така што ветувањето дадено на тогашниот советски претседател Михаил Горбачов се однесуваше само на Источна Германија во контекст на повторно обединетата Германија, вели британскиот медиум.
Горбачов подоцна рече дека во тоа време „темата за проширувањето на НАТО никогаш не беше дискутирана“.






