„Бевме изненадени од американскиот сојузник, кој и понатаму останува сојузник, но станува се понепредвидлив и повеќе не се труди ни да нè информира кога ќе одлучи да започне воени операции“, изјави Мандон на форумот за безбедност и одбрана во Париз.
„Ова влијае врз нашата безбедност и влијае врз нашите интереси“, предупреди тој.
Франција и САД се блиски сојузници во рамките на НАТО, но во Париз расте незадоволството поради одлуката на Вашингтон да започне војна против Иран на Блискиот Исток, откако американскиот претседател Доналд Трамп ги налути европските сојузници со своите планови за Гренланд.
Трамп исто така ги критикуваше сојузниците затоа што не се подготвени активно да учествуваат во операциите за обезбедување на Ормускиот теснец, стратешки клучен премин низ кој минуваат околу една петтина од светските залихи на нафта и кој е основата на економиите на земјите од Персискиот Залив.
„Интервениравме во Авганистан на барање на Американците, кои се повикаа на Член 5 од НАТО, а потоа тие одлучија да се повлечат без да нè информираат“, забележа Мандон.
„Сега одлучија да интервенираат на Блискиот Исток без да нè информираат. Наш непосреден приоритет беше да најдеме решенија за заштита на француските граѓани кои беа во транзит во регионот“, истакна тој.






