недела, 12 април 2026

Венс: Не е постигнат договор. Не сакаат да се откажат од нуклеарно оружје (ВИДЕО)

Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс изјави денеска дека неговиот преговарачки тим го напушта Пакистан откако ни по 21 час разговори не е постигнат договор со Иран. Венс рече дека американските преговарачи се враќаат дома бидејќи Иран не се согласил со условите на САД, вклучувајќи ја и обврската да не развива нуклеарно оружје.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

„Лоша вест е дека не постигнавме договор и мислам дека тоа е многу полоша вест за Иран отколку за Соединетите Американски Држави“, рече Венс. „Значи, се враќаме без постигнат договор. Многу јасно ставивме до знаење кои се нашите црвени линии.“

Венс рече дека разговарал со американскиот претседател Доналд Трамп неколку пати за време на преговорите.

„Едноставно треба да видиме посветеност од Иран дека нема да развива нуклеарно оружје и алатки што ќе му овозможат брзо да развие такво оружје“, рече Венс на кратката прес-конференција во Исламабад. „Тоа е нашето фундаментално барање.“

Американскиот потпретседател истакна дека нуклеарната програма на Иран е „уништена“, но нагласи дека е потребна „темелна посветеност“ од Техеран дека нема да развива такво оружје во иднина. „Сè уште не сме го виделе тоа. Се надеваме дека ќе го видиме.“

Венс со тоа сугерирал, според Си-ен-ен, дека иранската нуклеарна програма е најголемиот проблем во преговорите. „Заминуваме од тука со многу едноставен предлог, нашата најдобра и последна понуда. Ќе видиме дали Иранците ќе ја прифатат“, заклучи Венс.

Американската делегација на разговорите ја предводеше потпретседателот Џеј Ди Венс, придружуван од специјалниот пратеник Стив Виткоф и Џаред Кушнер, зет на претседателот Трамп. Иран го претставуваа влијателниот претседател на парламентот Мохамед Багер Галибаф и министерот за надворешни работи Абас Арагчи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ