Облечен во камуфлажна униформа, Мадуро изјави: „Мора да бидеме подготвени да го браниме секој сантиметар од оваа благословена земја од империјалистичка закана или агресија, без разлика од каде доаѓа“.
Тензиите се зголемија откако американските воени сили започнаа серија напади врз бродови осомничени за шверц на дрога во меѓународните води од септември, при што се убиени најмалку 80 лица. Вашингтон тврди дека неколку од тие бродови испловиле од Венецуела, што Мадуро го опиша како напад врз суверенитетот на неговата нација.
Извештаите сугерираат дека САД планираат да започнат нова фаза на операции поврзани со Венецуела во наредните денови, при што критичарите ја доведуваат во прашање легалноста на американската кампања, тврдејќи дека се работи за вонсудски убиства. Неодамнешна анкета покажува дека само 29% од гласачите во САД ја поддржуваат политиката.
Куба исто така се огласи вчера, обвинувајќи ги САД дека бараат насилно соборување на владата на Мадуро, нарекувајќи го американското воено присуство во регионот „прекумерно и агресивно“. Кубанскиот министер за надворешни работи, Бруно Родригез, рече дека соборувањето на венецуелскиот лидер би било исклучително опасно и неодговорно и кршење на меѓународното право.
Тој додаде: „Апелираме до народот на Соединетите Американски Држави да го запре ова лудило. Владата на САД би можела да предизвика непресметлив број на смртни случаи и да создаде сценарио на насилство и нестабилност на хемисферата што би било незамисливо.“
Доналд Трамп, како и неговиот претходник Џо Бајден, не го признава Мадуро како легитимен лидер на Венецуела. Мадуро моментално е во својот трет мандат откако беше прогласен за победник на минатогодишните претседателски избори, и покрај доказите што сугерираат дека бил поразен од опозицијата со разлика од два спрема еден.
Службеници во владата на Мадуро тврдат дека постапките на Вашингтон се водени од економски мотиви. „Тие ги сакаат венецуелските резерви на нафта и гас. Така, без плаќање. Тие го сакаат венецуелско злато. Ги сакаат венецуелски дијаманти, железо, боксит. Тие сакаат венецуелски природни ресурси“, рече венецуелската министерка Делси Родригез.
Порано оваа недела, САД го означија венецуелскиот „Картел де лос Солес“ – Картел на сонцето- како странска терористичка организација, тврдејќи дека Мадуро е дел од него, што венецуелските власти го отфрлаат како „смешна измислица“.
Зборувајќи со новинарите на авионот Ер Форс Уан, претседателот Трамп сугерираше дека можеби ќе разговара со Мадуро. „Ако можеме да спасиме животи, ако можеме да ги решиме работите на полесен начин, тоа е во ред“, рече тој. „И ако мора да го направиме тоа на потешкиот начин, исто така е во ред“.
Сепак, Карлос Дијаз Росиљо, поранешен американски заменик-помошник секретар за одбрана, не верува дека Америка ќе војува со Венецуела. „Она што го гледам е стратегија на максимален притисок врз режимот. Мислам дека ако има каква било промена, таа промена мора да дојде одвнатре, од војската“, рече тој, додавајќи дека иако промената на режимот не е официјална политика, Трамп би сакал да ја види во Венецуела.






