сабота, 31 јануари 2026

Велшка филхармонија го отстрани Чајковски од репертоарот поради руската инвазија на Украина

Објавено на

часот

Сподели

Филхармонискиот оркестар во Кардиф, Велс, го отстрани Чајковски од својата програма на претстојниот концерт, „во контекст на неодамнешната руска инвазија“.

Увертирата 1812 на Чајковски требало да биде вклучена во претстојниот концерт на оркестарот во Сент Дејвид хол на 18 март, но оркестарот тоа го смета за „несоодветно во овој момент“.

Наместо тоа, оркестарот ќе претстави програма фокусирана на Дворжаковата Симфонија бр. 8, концертот ќе почне со Каубојската увертира на Џон Вилијамс, а во втората половина ќе има изведба на Елгаровите Енигма варијации.

Ова е само најновото во низата откажувања концерти и фестивали поради тековната руска инвазија на Украина.

Диригентот Валери Гергиев во последно време е во центарот на вестите, бидејќи одби да го осуди рускиот режим и владеењето на својот пријател Владимир Путин. Тој беше отфрлен од менаџментот, фестивалите и концертните серии, а ги загуби улогите во Минхенската филхармонија и Меѓународниот фестивал во Единбург.

Руската оперска дива Ана Нетребко, и покрај тоа што ја осуди војната, откажа серија настапи, вклучително и целовечерен концерт во салата на филхармонијата Елба во Хамбург, велејќи дека „ова не е вистинско време за настапи и изведување музика“. Во Минхен, Баварската државна опера ја отстрани од репертоарот изведбата на Нетребко, како причина наведувајќи го нејзиното „недоволно дистанцирање“ од Путин.

Рускиот пијанист Александар Малофеев вчера зборуваше против штетното влијание на ваквите откажувања и притисокот врз руските музичари да ја отфрлат својата националност.

Откако беше откажан неговиот концерт во Ванкувер, 20-годишниот Малофеев зборуваше против влијанието на руската инвазија на Украина врз руската музика.

„Вистината е дека секој Русин со децении ќе се чувствува виновен поради ужасната и крвава одлука на која никој од нас не можеше да влијае ни да ја предвиди“, напиша младиот пијанист на Фејсбук. „Зошто, за неколку дена, целиот свет се врати назад во состојбата во која секоја личност може да избира само помеѓу стравот и омразата?“

Од друга страна, диригентите како Василиј Петренко и Томас Сандерлинг се оградија од рускиот режим, отстапувајќи од своите позиции на чело на руските оркестри.

Сандерлинг ја напушти функцијата главен диригент на Новосибирскиот симфониски оркестар во знак на протест против војната во Украина. Пред него од истата причина оставки поднесоа и диригентите Василиј Петренко (Државен академски симфониски оркестар) и Туган Сохиев (Баљшој театар).

[video:https://www.youtube.com/watch?v=QUpuAvQQrC0 autoplay:0]
ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ