Како што објавија британските претставници, одлуката е донесена на состанок на кабинетот и се однесува на проширување на претходното овластување според кое американските сили би можеле да ги користат британските бази за одбрана од ирански напади.
Кабинетот на британскиот премиер Кир Стармер наведува дека базите сега ќе можат да се користат за „американски одбранбени операции“ фокусирани на „способностите што се користат за напади врз бродови во Ормускиот теснец“. Тие нагласуваат дека Велика Британија нема директно да учествува во нападите и дека „фундаменталните принципи на пристапот кон конфликтот не се менуваат“, нагласувајќи ја потребата од итна деескалација.
Војната меѓу Иран и Израел и САД трае веќе три недели, откако Израел започна напади врз ирански воени и нуклеарни цели, со поддршка на САД. Иран возвраќа со ракетни напади врз израелски цели и американски интереси во регионот, а конфликтот се прошири и на поморските патишта.
Ормускиот теснец, низ кој минува голем дел од светската нафта, стана едно од клучните кризни жаришта. Нападите врз бродовите и заканите за затворање на преминот веќе сериозно го нарушија сообраќајот и драматично ги зголемија цените на енергенсите.
Американскиот претседател Доналд Трамп денес дополнително ја заостри својата реторика кон сојузниците, велејќи дека без САД, НАТО е „безвреден“ и ги обвини дека не сакаат да помогнат во обезбедувањето на Ормускиот теснец.
Во објава на социјалната мрежа Трут соушл, тој ги нарече „кукавици“ и тврдеше дека отворањето на теснецот е „едноставен воен маневар“, иако сојузниците досега не покажаа подготвеност директно да се вклучат во операциите.






