Според тврдењата на високи американски функционери, една од опциите кои Русија ги разгледува е фабрикување и снимање лажен напад, при што снимките би вклучувале експлицитни глетки на експлозии со голем број жртви, пренесува Би-би-си.
САД и НАТО се загрижени од зголемувањето на бројот на руските трупи во близина на границата со Украина. Русија отфрла дека планира да ја нападне Украина.
Високи американски државни функционери тврдат дека во операцијата на лажниот напад на проруските сили, кој наводно го планираат руските безбедносни служби, биле прикажани експлицитни фотографии и снимки на цивилни жртви во Донбас за во јавноста да се создаде гнев против украинските власти. Потоа создадениот гнев би се искористил како оправдување за напад на Украина, тврдат американските функционери.
Додаваат дека операцијата би можела да вклучува организирање и снимање лажен напад. Снимките би прикажувале трупови и уништени места, лажирана украинска воена опрема и луѓе кои би глумеле Руси кои ги жалат убиените.
Американците наведуваат дека станува збор само за една од опциите кои ги разгледува Москва, додавајќи дека ги пуштаат информациите за тоа во јавност за да ја „одвратат Русија од таков потег“.
Веста од САД за наводниот руски заговор стигнува еден ден откако беше потврдено дека Вашингтон на истокот на Европа испраќа дополнителни војници. Москва тој потег го нарече деструктивен, додавајќи дека тоа докажува дека руската загриженост околу ширењето на НАТО на исток е сосема оправдана.






