Додаде дека руската офанзива има за цел да „ѝ ја отсече главата на владата во Киев“ и наместо неа да постави режим поволен за Москва. Руската војска почна напад со околу 100 балистички ракети насочени, според него, главно на воената инфраструктура.
Почетната фаза, како што кажа, е фокусирана на клучните градови и Пентагон очекува Русите да го нападнат главниот град Киев. „Никогаш не сме виделе ваков маневар од Втората светска војна, сигурно ништо со оваа големина, опсег и размер“, кажа тој.
Досега, истакна, Русите сè уште не влегле во западна Украина и нема „назнаки“ за амфибиски напад на југот од Црното Море. Американскиот функционер не дал проценка на штетата која ја претрпела украинската војска. „Видовме знаци дека пружаат отпор и возвраќаат“, кажа тој.
Литванското министерство за одбрана објави дека САД распоредиле борбени авиони Ф-35 во Естонија и Литванија и дека е продолжен престојот на постоечките единици во регионот. Модерните американски авиони Ф-35 никогаш досега не биле распоредени во балтичките земји.






