сабота, 21 март 2026

Вашингтон пост: Русија планирала лажен атентат на Орбан за подобрување на рејтингот

Руската служба за надворешно разузнавање (СВР) предложи план за лажирање на обид за атентат врз унгарскиот премиер Виктор Орбан со цел да се подобри неговиот рејтинг пред парламентарните избори во април, објави Вашингтон пост, повикувајќи се на документи од европските разузнавачки служби, пренесува Украинска правда.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Според Вашингтон пост, една од единиците на руската СВР минатиот месец изрази загриженост поради наглиот пад на поддршката на јавноста за Виктор Орбан пред претстојните избори. Во интерен извештај на руски оперативци, до кој дошла европска разузнавачка служба, се наведува дека е потребно да се спроведе стратегија што би можела „фундаментално да ја промени целата парадигма на изборната кампања“ преку организирање „обид за атентат“ врз унгарскиот премиер.

„Таков инцидент би ја поместил перцепцијата за кампањата од рационалната сфера на социо-економските прашања во емоционална, каде што клучните теми би станале националната безбедност, стабилноста и одбраната на политичкиот систем“, се вели во извештајот испратен до главната единица на СВР за операции за политичко влијание, позната како Управа за МС или Оддел за активни мерки.

Портпаролот на Орбан, Золтан Ковач, не одговори на барањето за коментар за извештајот на СВР, за можно руско мешање во изборите и врските на премиерот со Москва. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ги отфрли обвинувањата, нарекувајќи ги „дезинформации“.

Во последните недели Орбан и неговата партија Фидес ги зголемија напорите да го насочат вниманието на унгарската јавност од економските проблеми кон наводни надворешни безбедносни закани. Тоа вклучува прекин на испораката на руска нафта преку нафтоводот Дружба, за што Будимпешта ја обвинува Украина, како и истакнување на наводните закани од Киев против премиерот.

Унгарската влада на 19 март им забрани на тројца украински државјани – двајца војници и еден политички аналитичар – влез во земјата и во Шенген-зоната поради наводни закани упатени кон Орбан.

Истражувачки новинари од мрежата ВиСквер претходно откриле дека унгарските разузнавачки служби на 5 март наводно планирале операција за апсење на украински чувари кои превезувале пари и имот на Ошадбанка, со цел да се провоцира конфликт со Украина пред изборите. ВиСквер исто така објави дека Русија испратила тим политички стратези во Унгарија, кои работат од руската амбасада во Будимпешта, со задача да спроведат кампања за дезинформации во поддршка на Виктор Орбан.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ